Градежната фирма „Жикол“, која што во близина на тетовското село Волковија село гради воспитно-поправен дом за малолетници според договор со Управата за извршување на санкции како инвеститор, тврди дека не користела хемикалии при дупчењето за структурни дупнатини близу изворите за вода.
Жителите на Волковија вчера бараа институциите да преземат мерки за да се спречи загрозувањето на изворите за вода за пиење во нивното село. „Кога пред два дена видовме што се случува овде, на изворите од каде нашето село се снабдува со вода, се вчудоневидовме. Проаѓале со булдожери, копале со бушилки, целата вегетација покрај изворите ја уништиле, фрлале некои хемикалии кои сега директно се слеваат во изворите и ја заматуваат водата. Замислете тука, во извориштето, најдовме фрлени конзерви, прибор за јадење, празни вреќи од цемент и купишта најлони кои работниците што тука копале, едноставно си ги фрлиле во изворот. Изворите ни ги направија права депонија. За ова веднаш ја алармиравме полицијата која дојде и изврши увид. Од тука ги повикуваме овде да дојдат и Јавен обвинител и Народен правобранител за да интервенираат и да ја спречат оваа катастрофа што ни се подготвува“, рече Русе Михајлоски, претседател на Месната заедница Волковија.
Во писмената реакција од „Жикол“ тврдат дека на локацијата во Волковија работат врз основа на одобрение за градба „во кое е опфатена и изградбата на бунарска пумпна станица и пречистителна станица“.
„Структурните дупнатини кои се од страна на компанијата ангажирана за вршење таков вид активности се вршени согласно Основниот проект одобрен од Министерството за правда – Управа за извршување на сaнкциите каде се дадени точни напaтствија за начинот и местото на вршење на структурните дупнатини. При бушењето не се употребuвани хемикалии со кои би се загадиле изворите за вода“, велат од „Жикол“ и тврдат дека работат согласно одобрението за градење во кое меѓу другото е опфатен и елаборат за заштита на животната средина.
Жителите на Волковија во реакцијата велат дека пумпниот систем и цевководот повлекуваат заматена вода, а состојбата во самите извори е алармантна.
„Во погорниот слив, Министерството за правда исто така сака да изгради канализација, со што дефинитивно би се уништил био-диверзитетот на изворите, со што биохемиската состојба на водата би била отровна“, велат жителите.
Д-р Ратко Давидовски, раководител на секторот за санитарно-хигиенска дејност со здравствена екологија во центарот за јавно здравје Тетово вели дека околу изворите на вода во Волковија има три заштитни зони.
„Првата зона е оградена, и таму се забранети секакви активности. Во втората заштитна зона исто така не смее да се копа. Ако градежната фирма има дозвола, прашањето е кој им ја дал дозволата“, вели д-р Давидовски.
Директорката на Дирекцијата за извршување санкции Лидија Гаврилова, која е инвеститор на објектот, како и Министерството за правда два дена се недостапни за коментар.
Е. БОЧВАРОСКА