ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА МОГИЛА ГО ОБВИНИ ПРЕТХОДНИКОТ ДЕКА ПОТРОШИЛ 52.000 ЕВРА ЗА КАФАНСКИ СМЕТКИ, ТОЈ ВЕЛИ ДЕКА НА СОФРИТЕ БИЛА И ТАА

    ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА МОГИЛА ГО ОБВИНИ ПРЕТХОДНИКОТ ДЕКА ПОТРОШИЛ 52.000 ЕВРА ЗА КАФАНСКИ СМЕТКИ, ТОЈ ВЕЛИ ДЕКА НА СОФРИТЕ БИЛА И ТАААктуелната градоначалничка н Општина Могила и нејзиниот претходник си разменија обвинувања околу трошењето на општинските пари. - Јасмина Гулевска; Стево Пивковски (Фото: СДК.МК)

    За пет години претходните општински власти од Могила потрошиле над 52.000 евра за кафански сметки, обвини новата градоначалничка Јасмина Гулевска.

    Таа на својот Фејсбук профил напиша дека на овој начин недомаќински и неодговорно се трошеле општинските пари.

    „Од 2013 до 2017 година вкупно потрошено за кафански сметки се 3 224 624 денари односно 52 433 евра. Од 2013 до 2017 година на тендерот за прехранбени продукти кој го добивал фамилијарно блиска личност на претходниот градоначалник вкупно биле потрошени се 1 385 548 денари односно 22 565 евра.

    Патот е трнлив и макотрпен меѓутоа општина Могила ќе биде одговорна, домаќинска и одговорна општина“, напиша Гулевска.

    Доколку за пет години се трошеле над 52.000 евра за кафански сметки, тоа во просек е по 10.000 евра годишно.

    Претходникот на Гулевска, ексградоначалникот Стевче Пивковски, кон кого се упатени обвинувањата, рече дека сегашната градоначалничка удира врз себе со сопствените камења.

    „Таа во изминатите четири-пет години учествуваше барем на половина од софрите зашто беше советник. Советниците по секоја седница оделе на софра. Им кажував дека Општината нема толку пари. Нека излезе на ТВ дуел со мене или нека поднесе кривични пријави ако сум работел недомаќински, а не вака произволно да си пишува на Фејсбук“, рече Пивковски.

    Тој додаде дека Советот гласал да се издвојуваат по 250.000 денари за репрезентација, во кои се состеле и предновогодишните коктели, Денот на општината и други манифестации.

    Во однос на фирмата што го добивала тендерот за прехранбени продукти, Пивковски рече дека од таму се набавувале новогодишни пакетчиња за учениците кои во општината ги има 650.

    Тој градоначалничкото место во 2013 година го доби како независен кандидат, а на минатогодишните избори кандидатурата му ја поддржаа од ВМРО -ДПМНЕ. Но, загуби во вториот изборен круг од Гулевска, кадар на СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира