Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателката Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ поради кршење на деловникот и непостапување согласно Законот за локална самоуправа.
„Советот треба да работи во интерес на граѓаните, а тоа значи дека треба да се ставаат и гласаат точки во интерес на граѓаните. Блокадата на Битола од страна на Советот мора конечно да престане зашто градот мора да функционира. За тоа, прво треба претседателката на Советот да стави точки на дневен ред. Имајќи предвид дека и покрај доставувањето од општинската администрација точките во повеќе наврати не се ставаат на дневен ред, денеска ќе поднесам кривична пријава против претседателката на Советот“, рече Коњановски.
Илиевска возврати дека таа не става точки на дневен ред, туку за тоа одлучува мнозинството. За време на расправата, таа ја врати ружата што на почетокот на седницата ѝ ја даде Коњановски, велејќи дека не сака 8 Март да ѝ го честитаат мажи на функции кои во официјални соопштенија ги нарекуваат жените исфрустрирани. Додаде дека градоначалникот и неговата екипа низ градот шират евтини приказни дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја гласаат завршната сметка за да се распушти Советот и дека ако утре излезат на избори, ќе освојат повеќе од 16 советници.
„Доколку сте толку подготвени и сметате дека можете да освоите повеќе од 16 советници, ве прашувам дали денеска сте подготвени да застанете на оваа говорница и да поднесете неотповиклива оставка, па сите заедно да одиме на избори и да не го држиме градот во заложништво“, рече Илиевска.
Доколку денеска не се изгласа завршната сметка, се исполнуваат услови Советот да се самораспушти.
Ж. ЗДРАВКОВСКА