ГРАДОТ ГИ ДОТОЛЧИ ЈАБОЛКАТА ВО ПРЕСПА

    ГРАДОТ ГИ ДОТОЛЧИ ЈАБОЛКАТА ВО ПРЕСПАНаместо на странските пазари, исчуканите јаболка ќе завршат во индустријата за преработка, каде откупната цена е доста ниска. - Уништен род во Преспа (Фото: СДК.МК)

    Пустош по ресенските овоштарници остави циклонот Флоријан кој вечера попадне ја зафати Преспа со силни врнежи од град. По трет пат ова лето наврна град во најплодниот регион со јаболка во земјава, па овоштарите велат дека сто проценти од годинешниот род е оштетен. Најзагрозени се овоштарниците во селата Јанковец, Сопотско и Златари. Наместо на странските пазари, исчуканите јаболка ќе завршат во индустријата за преработка, каде откупната цена е доста ниска.

    „За кратко време наврнаа од 20 до 30 литри дожд на метар квадратен, за 40 минути направи поплава и големи штети во овоштарниците. Штетите во овоштарниците се сто отсто. Климатските промени и глобалното затоплување си го земаат својот данок. Уште немаме добиено заштита бидејќи македонското небо има прелети на авиони и откако е стопирана градобијната заштита седум-осум години ние сме оставени на милост и немилост на времето“, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Коталаровски“ од Ресен.

    Овоштарите додаваат за да имаат богат род потребно е прво да проработи градобијната заштита, па да се обезбедат мрежи за заштита од град и да ги осигуруваат овоштарниците. Но, ретко кој ги има осигурани овоштарници, едни зашто немаат навика и пари, а други од лоши искуства.

    „Немам осигурување зашто на тројца братучеди што имаа осигурување за овоштарниците, државата не ги плати тие 60 проценти од премијата што ги субвенционираше, па потоа извршители им отидоа дома. Не им дадоа ништо и не осигуруваме. И пари за осигурување немаме“, вели земјоделецот Христо Филиповски од село Јанковец.

    Општината комисија веќе е излезена на терен и врши проценка на штетите предизвикани од невремето. Земјоделците се економски исцрпени зашто ова е трета година по ред со катастрофален род од овоштарниците поради лошите временски услови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира