Над 36 милиони евра должат граѓаните и фирмите на Град Скопје по основ даноци и такси, соопштија од кабинетот на градоначаникот Орце Ѓорѓиевски. Овој долг е за пет години односно од 2020 до 2025. Од Град Скопје ги повикаа граѓаните и фирмите во најкус рок да ги подмират долговите.
„Даноците на имот и комуналните такси се основните извори на приходи на Град Скопје. Средствата остварени од овие приходи овозможуваат финансирање на основните функции на Градот, изведбата на инфраструктурните проекти, кофинансирање на услугите што ги даваат комуналните претпријатија и јавните установи како и финансирање на трошоците на средните училишта во Градот Скопје. Се повикуваат сите даночни и таксени обврзници (правни и физички лица) кои немаат платено данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса – фирмарина, да ги подмират своите даночни обврски во најкраток временски рок“, велат од Град Скопје.
Увид дали има долг и колкав е може да се изврши на веб страната на Град Скопје, каде исто така може да се преземат даночните и таксените решенија. Електронска уплата на долгот може да изврши преку електронската платформа за даноци на Градот. Даночниот долг може да се плати и преку даночните шалтери на Град Скопје.



