ГРАЃАНИТЕ КОИ КОЛАТ ЖИВОТНИ ЗА КУРБАН БАЈРАМ ДА НЕ ГИ ФРЛААТ ОСТАТОЦИТЕ КАЈ ЌЕ СТАСААТ НИЗ СКОПЈЕ, АПЕЛИРА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“

    ГРАЃАНИТЕ КОИ КОЛАТ ЖИВОТНИ ЗА КУРБАН БАЈРАМ ДА НЕ ГИ ФРЛААТ ОСТАТОЦИТЕ КАЈ ЌЕ СТАСААТ НИЗ СКОПЈЕ, АПЕЛИРА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани, скопскиот муфтија Кенан Исмаили и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу денес на прес-конференција апелираа дека исфрлањето органски отпад на јавни површини може да доведе до многу несакани последици (Фото: ЈП „Комунална хигиена“ )

    Граѓаните да не ги фрлаат остатоците од животните кои ги колат во пресрет на празникот Курбан Бајрам кај ќе стигнат, апелираа денеска директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани, градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу и скопскиот муфтија Кенан Исмаили.

    Години наназад за овој празник органи и остатоци од животните кои се колат, се фрлаат на јавни површини, при што екипите на „Комунална хигиена“ не можат да стасаат секаде да исчистат, а како што велат од претпријатијето, постои и опасност од ширење на заразни болести.

    Годинава на повеќе локации низ општините ќе се постават специјални контејнери, во кои надлежните ги повикуваат граѓаните да ги фрлаат остатоците од животните.

    „На сите ни се познати традициите и обичаите при подготовките и празнувањето на овој значаен муслимански празник, но апелираме до нашите сограѓани дека исфрлањето органски отпад на јавни површини може да доведе до многу несакани последици. На овие температури, таквиот отпад брзо се распаѓа и претставува извор на зарази во непосредната околина. Оваа година, ЈП ‘Комунална хигиена’ Скопје на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај, ќе постави специјални садови во коишто верниците ќе можат контролирано и правилно да го одложат органскиот отпад, за истиот да може да биде навремено отстранет и транспортиран од страна на нашите екипи“, рече директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

    Екипите на „Комунална хигиена“ во текот на вчерашната ноќ и денес спроведуваат акција за генерално чистење на Старата скопска чаршија, при што беше извршено рачно миење со ВАП-машини, како и метење и чистење на сите делови на чаршијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира