1 Базенот во Спортско-рекреативниот центар „Сарај“ во Скопје повторно работи по 30 години запуштеност. Не ме изненади веста што проработе откако беше даден на приватен инвеститор. Ме изненади дека таа вест беше нашиот најчитан текст неделава.
Спортско-рекреативниот Сарај е оформен во 1948 година со урбанистички план што предвидел базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки за трчање. Во 1955 е изграден базенот. Во 1971 е направен проект за три големи паркови и 5 рекреативни подрачја со плажи, хотели, ресторани и детски одмаралишта. Дефинирани биле градското и вонградското зеленило со паркови и плоштади на периферијата на главниот град.
Значи, во 1948 година, три години после Втората светска војна и уништена земја, која речиси 80 проценти била без вода и струја, со 50 проценти полуписмено и неписмено население, во главниот град предвиделе и изградиле уреден парк за спорт и рекреација. Во 1955 година, значи само 10 години по војната, таму веќе имало базен, фудбалски игралишта, трибини и други објекти за спортување и рекреација.
Замисли го тоа визионерско планирање, а сѐ во функција на јавниот интерес.
А денес? Денес во главниот град Скопје, 35 години по прогласувањето независност на македонската држава, за главно достигнување се смета собирањето на ѓубрето и косењето на тревата.
Значи не е до граѓаните. До лидерството е.
2 Во 1948 година властите испланирале зеленило, паркови и базени.
Во 2026 година испланирале да ги одвојат мажите од жените во базен.
Во 1948 оделе по селата да ги образуваат жените. Во 2026 во Тетово, локалната власт одредила дека во среда и сабота на базен ќе се капат само жени. Така било решено „на барање на граѓаните, односно граѓанките на Тетово“.
На каква цивилизациска регресија сведочиме со оваа сегрегација!
Државен ли е базенот? Да. Дали во Уставот е запишано дека верските заедници се одвоени од државата и рамноправни пред законот? Да. Дали во Уставот е запишано дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот и верското уверување? Да.
И тука треба да се стави точка на барањето на граѓаните, односно граѓанките на Тетово за одвоено капење во државен базен. Во приватни базени нека си се капат како што си сакаат.
3 Премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на пратеничко прашање на Венко Филипче, рече дека луѓето се разочарани оти го гледаат лидерот на СДСМ „во Дубаи како ужива на Харис Џиновиќ, а не е во затвор“ и затоа што „гледаат како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор“. И вети дека „нема повеќе да ги разочарува македонските граѓани да гледаат како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ“.
Нејсе. Еве, да речеме дека разочараните граѓани веќе нема да ги гледаат Зоран Заев и Венко Филипче по плажите на Халкидики. Еве, да речеме и дека ќе се оствари ветувањето на Мицкоски и оти и Заев и Филипче ќе се смеат од затвор зад решетки.
Дали тогаш разочараните граѓани ќе бидат посреќни? Колку дена ќе им трае среќата? Додека не одат во супермаркет да испазарат? Имаше разочарани и кога поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избега во Унгарија за да не оди в затвор. Веројатно има разочарани и што сегашниот лидер не прави некој напор да го врати во земјава за да се соочи со судот.
Заев веќе пет години не е во политиката, а ВМРО-ДПМНЕ и по две години откако има апсолутна власт и на државно и на локално ниво уште нѐ забавува со неговите слики снимени од плажата во Паљури. На секоја критика од опозицијата одговараат со: „А Венко во Дубаи?“
На крајот на краиштата луѓето си ја покажуваат разочараноста на избори. И баш затоа што беа разочарани од СДСМ, го донесоа ВМРО-ДПМНЕ на власт.
4 Сигурно има и многумина разочарани откако дознаа дека премиерот си ги пратил синот и сопругата на зимување во бугарското скијалиште Пампорово.
Баш ми е гајле кој каде оди на скијање. Ама, за очекување е премиер да има политички осет и да даде личен пример за политиките што ги застапува. Особено дека секој ден ни збори против Бугарија. Сега нѐ предупредува дека и парите од фондовите за раст и развој на ЕУ сакаат да ни ги сопрат, а тој ги троши заштедите за зимскиот распуст на децата баш во таа непријателска земја која со години не ни дава да мрднеме од место и чии политичари сакаат да нѐ снема како Македонци. Згора на тоа, пак, на неговите сограѓани што уште не зеле бугарски пасоши, кога се жалат дека трпат малтретирање и понижување со новиот систем за влез и излез од ЕУ им порачува да одмараат дома, додека неговото семејство патува во ЕУ со придружба. Како да заборава дека тие исти граѓани лани му го платија и државното авионче да не задоцни на враќање од море во Хрватска.
Којзнае, можеби од партијата ќе кажат дека премиерот си го пратил семејството во Бугарија како гест на добрососедство. А самиот Мицкоски објави дека ги информирал партнерите во НАТО оти Бугарија ја загрозила бебедноста на неговото семејство затоа што во медиумите протекла дипломатската нота за престојот на неговата сопруга и помалиот син во бугарскиот скијачки центар.
Ете уште една придобивка од членството во НАТО. Мал проблем е што овој од Пампорово сега има каде да се жали, откако оној од Паљури го смени името за Македонија да влезе во НАТО.
5 Како опозиција, главното ветување на ВМРО-ДПМНЕ беше дека кога ќе дојде на власт ќе ја смени преговарачката рамка за ЕУ.
Две години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека во моментов се испразнети 16 амбасадорски места. Меѓу нив, празни се и македонските амбасади во Софија и Атина.
Тука завршува муабетот за промена на преговарачката рамка. Ако воопшто некој имал илузија дека со оваа дипломатија може да се промени.



