ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ПОЧНАА ДА СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА ФОРМИРАЊЕ ПАРТИИ, ЕДНАТА Е „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“, А ДРУГАТА „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“

    ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ПОЧНАА ДА СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА ФОРМИРАЊЕ ПАРТИИ, ЕДНАТА Е „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“, А ДРУГАТА „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање на партии откако партиите од власта и опозицијата здружено ги спречија да настапуваат на изборите како граѓански иницијативи. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.

    Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“. Партијата ќе се вика „Независни заедно“ и како што велат, ова е единствен начин да учествуваат на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините.

    „’Независни заедно’ е граѓанска платформа која ги обединува граѓаните од различни општини, кои не чекаат промени, туку сами ги прават и се борат за нив. Досега, три организации се коосновачи на платформата, но отворени сме за сите независни групи, еко-активисти, иницијативи од локалните заедници и граѓани кои сакаат чесна, одговорна и транспарентна политика, одоздола нагоре. Функционираме по принцип на соработка, секој со своето децентрализирано, самостојно јадро. Ова не е партија како останатите партии, ова е платформа за соработка, за слушање на гласот на граѓаните, за решенија што доаѓаат од нас самите“, велат од „Независни заедно“.

    Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ). Партијата ќе го носи истото име, „Зелен хуман град“, и како што велат оттаму, се решиле да формираат партија бидејќи партиите со Изборниот законик нема да им овозможат учество на локалните избори како независен кандидат, без разлика што Уставен суд застана на нивна страна и апелираше за политички плурализам.

    Партијата е само алатка, борбата продолжува. ‘Зелен хуман град‘ останува она што отсекогаш бил, заедница на луѓе што се грижат. За градот. За луѓето. За животните. За иднината. Нема шефови. Нема скриени спонзори. Само луѓе. Како тебе. Како нас“, велат од „Зелен хуман град“.

    Граѓаните кои сакаат да подржат една од две партии кои произлегоа од граѓанските иницијативи треба да дадат потпишана изјава пред нотар и извадено уверение за државјанство, во оригинал, не постаро од 6 месеци или фотокопија заверена кај нотар. Државјанствата може да се извадат и преку порталот uslugi.gov.mk.

    Потпишувањето може да биде само за една партија. Исто така, граѓаните кои во минатото се потпишале за формирање на некоја партија, не може да го дадат својот потпис.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира