Двајца македонски планинари на возраст од 26 до 35 години исчезнале на падините на планината Кајмакчалан, јавија грчките медиуми. По планинарите веќе е организирана потрага од грчката страна на планината, а веќе екипи од Дирекцијата за заштита и спасување од Битола се подготвуваат да бараат и од македонска страна со помош на санки.
Од Дирекцијата на Центарот за заштита и спасување во Битола соопштија дека педесетина млади планинари од Скопје биле на прошетка на планината во Грција на потегот од Лутраки кон Кајмакчалан. Вечерта од нив 48 се вратиле, а двајца не.
„Се организираме потрагата да ја почнеме од страна на Скочивир. Не се знае дали се на македонска или грчка страна. Се планираше да се вклучи и хеликоптер, но на терен има магла. Затоа се подготвивме потрагата да ја почнеме со санки“, вели Димче Јошевски од Центарот за заштита и спасување во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА