ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛА ОДЗЕМАНИ ОД ДРВОКРАДЦИ СО ГОДИНИ СЕ ТРУПААТ ВО КРУГОТ НА „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ ВО ШТИП

    ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛА ОДЗЕМАНИ ОД ДРВОКРАДЦИ СО ГОДИНИ СЕ ТРУПААТ ВО КРУГОТ НА „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ ВО ШТИПРаководството на „Национални шуми“ Штип вели дека тие немаат надлежност, ниту зелено светло да даваат информации за тоа колку дрвокрадци се фатени и колку возила се одземени (Фото: СДК.МК)

    Стотина хаварисани и нерегистрирани автомобили, трактори и камиончиња, одземени од шумската полиција поради нелегална сеча и транспорт на огревно дрво, со години стојат во кругот на подружницата на „Национални шуми“ во Штип и чекаат лицитација како старо железо. Управната зграда и складот на подружницата се наоѓаат до главното шеталиште на штипјани кај Зоолошката градина и новиот Дино парк. Во кругот на подружницата ретко кога има складирано дрва, исто така одземени од дрвосечачите, но има голем број конфискувани возила.

    Раководството на „Национални шуми“ Штип вели дека тие немаат надлежност, ниту зелено светло да даваат информации за тоа колку дрвокрадци се фатени и колку возила се одземени, оти таа проблематика била на дирекцијата на ЈП „Национални шуми“ на Македонија. Некои од вработените во подружницата во Штип само ни рекоа дека шумската полиција континуирано фаќа дрвокрадци и постојано се конфискуваат возилата со кои се транспортира дивата сеча. Се работи за стари, нерегистрирани возила без таблици и најчесто дрвокрадците ги напуштаат и бегаат, па така мал број од нив се фаќаат и завршуваат на суд, кој им изрекува казни затвор од 3 до 12 месеци.

    Подружницата во Штип само го отстапува својот простор да се складираат одземените возила. Таков плац за депонирање возила има и во близина на затворот во Штип. Натамошната постапка за отуѓување и наддавање на ваквите возила, како што велат, е на Агенцијата за управување со одземен имот и Бирото за проценка.

    „Согласно правилникот за вршење на работите на шумочуварската служба, подружниците имаат формална обврска само за чување на привремено одземените предмети. До поднесување кривична пријава или барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд или орган на државната управа, привремено одземените предмети се чуваат во посебно одредени простори(и) во подружниците на Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми или другите субјекти кои стопанисуваат и управуваат со заштитените подрачја“, вели Фатима Шкријељ, овластеното службено лице за посредување со информации од јавен карактер во подружницата на „Национални шуми“ во Штип.

    Во јануари 2024, Владата му укажала на Јавното претпријатие да ја разгледа можноста за отстапување на дел од складовите за привремено користење на Агенцијата за управување со одземен имот. ЈП „Национални шуми“ веднаш ја информирала Агенцијата дека поради немање доволно човечки и други ресурси, видеонадзор и слично не е во можност да отстапи дел од складовите за чување привремено одземен имот и предмети за што претпријатието и законски не е обврзано. Но, и покрај таквата ситуација, подружниците ѝ излегуваат во пресрет на Агенцијата за управување со одземен имот.

    Службеното лице за посредување со информации од јавен карактер во Агенцијата за управување со одземен имот, Сафет Црновршанин, за САКАМДАКАЖАМ изјави дека Агенцијата годишно врши редовна лицитација на 200 до 300 конфискувани моторни возила кои се складирани во нивните депоа кај Миладиновци, Идризово, Гевгелија и Тетово, а вакви депоа за запленети возила постојат и кај полициските станици во Штип, Кочани, Струмица, Гостивар, Делчево, Прилеп и Ресен. Агенцијата за одземен имот ги прифаќа само запленетите возила за кои постои судска пресуда дека се конфискуваат поради дрвокрадство или друго кривично дело.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира