ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ БАРА ИСТРАГА ДАЛИ ВРЗ НАВИВАЧ ОД ЧКЕМБАРИ ПОЛИЦИЈАТА ВО СКОПЈЕ УПОТРЕБИЛА ПРЕКУМЕРНА СИЛА

    ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ БАРА ИСТРАГА ДАЛИ ВРЗ НАВИВАЧ ОД ЧКЕМБАРИ ПОЛИЦИЈАТА ВО СКОПЈЕ УПОТРЕБИЛА ПРЕКУМЕРНА СИЛАБарањето следува откако на социјалните мрежи се појави снимка како над човек соборен на земја стојат тројца полицајци, а четврт мава со пендрек по него. (Фото: принтскрин)

    Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници бараат од Одделот за внатрешна контрола при МВР целосно да се истражи дали полицијата употребила прекумерна сила врз навивач од Чкембарите по натпреварот Еурофарм Пелистер –Вардар 1961 во саботата, на 26 март, во Скопје.

    Барањето следува откако на социјалните мрежи се појави снимка како над човек соборен на земја стојат тројца полицајци, а четврт мава со пендрек по него.

    „За целото време додека лицето лежи на земја, тоа не дава никаков активен отпор, што значи дека дејствијата на полицијата не се ниту сразмерни, ниту законски. Ваквото постапување дополнително ја продлабочува недовербата што граѓаните ја имаат во полицијата, а Северна Македонија континуирано добива и забелешки од страна на меѓународната заедница, како што е Европскиот комитет за заштита од тортура кој и во последен извештај од мај 2021 година нотира пречекорување на полициските овластувања и употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници за време на приведување, во полициска станица, но и подоцна од страна на затворската полиција“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

    Доколку се потврдат наодите, од Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници бараат инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети.

    И навиначката група Чкембари на социјалните мрежи го објави видеото со коментар дека нивниот уапсен член, не пружа отпор, опкружен со полициски лица и пак е безмилосно тепан.

    На ракометниот натпревар Еурофарм Пелистер го победи Вардар 1961 среде Скопје со резултат 23-24. По натпреварот два автобуса од Битола и уште два од Прилеп кои превезувале навивачи за главниот град беа оштетени на булевар „АСНОМ“ во Скопје

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира