И 80 ГОДИНИ ОД ШТРАЈКОТ НА ВЕЛЕШКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ, НЕКОИ СОСЕДИ НЕ НИ ГО ПРИЗНАВААТ ЈАЗИКОТ, ВЕЛИ 99-ГОДИШНИОТ НИКОЛА СТОЈАНОВ

    И 80 ГОДИНИ ОД ШТРАЈКОТ НА ВЕЛЕШКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ, НЕКОИ СОСЕДИ НЕ НИ ГО ПРИЗНАВААТ ЈАЗИКОТ, ВЕЛИ 99-ГОДИШНИОТ НИКОЛА СТОЈАНОВНикола Стојанов (лево) зборуваше за штрајкот на чествувањето во гимназијата „Кочо Рацин“ (Фото: СДК.МК)

    Велешани се потсетија на штрајкот од пред 80 години, кога тогашните гимназијалци се спротивставиле на користењето на бугарскиот јазик во наставата. Во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“ се одржа чествување, а сегашните ученици на овој настан ги потсети д-р Никола Стојанов, еден од организаторите на протестот.

    „Имаше професори кои ни предаваа на бугарски јазик, а ние одговаравме на македонски. Тоа на некои од нив не им се бендиса и се бунеа, но ние не отстапувавме. Поради тоа, наставничкиот совет решил да нè исклучи од настава од сите образовни институции на Бугарското царство. Велешани нè поддржаа. Направивме протест пред општината вечерта, а освен нас гимназијалците, се собраа многу граѓани. Дојдоа полицијата и војската да нè растераат. Имаа бајонети на пушките“, кажа 99-годишниот Стојанов, првиот претседавач на повеќепартискиот парламент на Македонија.

    По три дена, штрајкот бил прекинат, а учениците место да бидат избркани, добиле укор. Стојанов додаде дека и денес е присутна негацијата на македонскиот јазик.

    „Наше е да останеме на своето. Тоа е наш македонски јазик, но, за жал, некои соседи и по толку време не го разбираат тоа“, дополни Стојанов.

    Покрај него, организатори на штрајкот од 14 март 1942 биле Благој Кирков, Орце Иванов, Благој Јанушев и Анче Андреев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира