И ПО 24 ЧАСА СÈ УШТЕ НЕ Е ЦЕЛОСНО ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО МАГАЦИНОТ ВО ФАЛИШЕ, ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЖАРНИКАРИ

    И ПО 24 ЧАСА СÈ УШТЕ НЕ Е ЦЕЛОСНО ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО МАГАЦИНОТ ВО ФАЛИШЕ, ПОЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЖАРНИКАРИВо објектот гореле разни градежни материјали, бои, лакови, хемикалии, бојлери, а имало и плински боци кои експлодирале (Фото: СДК.МК)

    Поминаа 24 часа откако изби пожарот во продавница и магацин во близина на селото Фалише, а од запалениот објект и натаму на некои места излегува густ чад. Тетовските пожарникари цела ноќ неуморно работеа, пожарот е локализиран и огнот во најголем дел е изгаснат, а утрово се гаснат и последните жаришта, па тие велат дека за неколку часа ќе биде изгаснато и последното.

    „Цела ноќ го гасневме пожарот, а еве, и утринава пожарникарите се тука. Внатре имаше запаливи материјали кои уште горат. Гореа разни градежни материјали, бои, лакови, хемикалии, бојлери, а имаше и плински боци кои експлодираа. Ние се боревме со сите сили, ни помогнаа и пожарникарите од Гостивар, Скопје и Куманово, но не можевме да го спасиме објектот, бидејќи огнот беше многу голем. Едвај успеавме да ја спасиме куќата која се наоѓаше веднаш до запалениот магацин. Гасневме со вода и со пена, но ништо не ни помогна. Четворица пожарникари, меѓу кои бев и јас, бевме полесно затруени од густиот чад, па бевме накратко однесени во болница, каде примивме кислород и инфузија“, вели Авни Амети, командир на противпожарната единица од Тетово.

    Тој упати остри критики кон одговорните лица кои издаваат дозволи за градба на вакви објекти без да се запазат основните заштитни противпожарни мерки.

    „За нас пожарникарите големо прашање е кој дава дозволи да се градат вакви магацини каде се складираат многу ризични и запаливи материјали, а да нема инсталирано ниеден противпожарен хидрант. За еден месец имаме два вакви пожара, првиот беше неодамна во фабрика за производство на пелети во село Седларце и во двата случаи немаше инсталирано хидранти за гаснење оган“, револтирано зборува Амети.

    Од запалениот објект 24 часа излегува густ чад, па затоа тој упати апел до надлежните институции под итно да дојдат во Тетово и да извршат мерење на загаденоста на воздухот.

    „Вчера дојдоа специјализирани екипи од одделението за АБХ заштита на АРМ, кои извршија мерења дали има штетни хемиски материјали во воздухот и почвата, но не ги открија. Но, затоа воздухот тука е многу загаден, па го молам Министерството за животна средина да дојде во Тетовскиот Регион, да ја измери загаденоста и да ѝ се обрати на јавноста како да се однесува понатаму, но по сè изгледа, тоа нив не ги интересира“, апелира Амети.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира