И ПО ЕДЕН МЕСЕЦ, ВЕЛЕС НЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ОТВОРАЊЕ ПРИЕМЕН ПУНКТ ЗА ЛИЦА СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19

    И ПО ЕДЕН МЕСЕЦ, ВЕЛЕС НЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ОТВОРАЊЕ ПРИЕМЕН ПУНКТ ЗА ЛИЦА СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19Во Велес се заразени 29 здравствени работници, од кои 18 се од болницата (Фото: СДК.МК)

    Три седници на Општинскиот кризен штаб по ред, матичните доктори од Велес бараат тријажен приемен пункт за лица сомнителни на ковид-19, но ни по еден месец, решение нема. Целта на отворањето на ваков пункт е да се избегне овие сомнителни случаи да се мешаат со пациенти во чекалниците на матичните доктори и да не контактираат со други пациенти. Така би се намалил и притисокот врз болницата.

    „Одговор на ова прашање на денешната седница побарав и јас. Дали во друг град во земјава постои вакво решение, дали функционира, кои се позитивните и негативните страни. Овој пункт треба да биде во здравствена институција, со соодветна опрема. Потребно е да се земе крв, да се направи рендген снимка, па после тоа пациентите да се упатуваат во здравствените институции каде што треба, според нивната здравствена состојба. Потребно е и одбрение од Државниот здравствен инспекторат“, кажа градоначалникот Коцевски.

    Додаде дека директорите на болницата, Здравствениот дом и на Центарот за јавно здравје и матичните доктори имале состанок, но засега не нашле решение.

    На денешната прес-конференција, Коцевски соопшти дека 29 здравствени работници од градот се позитивни на ковид -19: 18 се од болницата, шест од Центарот за јавно здравје, три од Здравствен дом и двајца матични доктори. Бројката на заразени ученици во Велешко е 16, исто толку наставници, како и по еден воспитувач од градинките и од Средноишколскиот интернат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира