И ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЈАБОЛКАТА ОД УРАГАНОТ ВО ПРЕСПА, ВЕЛАТ ОВОШТАРИТЕ

    И ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЈАБОЛКАТА ОД УРАГАНОТ ВО ПРЕСПА, ВЕЛАТ ОВОШТАРИТЕОколу 400 хектари беа зафатени од невремето, што економски ќе загрози 350 семејства (Фото: СДК.МК)

    Најмалку за една третина ќе биде намалено производството на квалитетни јаболка во Преспа оваа есен, а последиците од големото невреме што пред една недела ја зафати Долна Преспа ќе се чувствуваат и во следните две години.

    „Во делот кој беше зафатен од ураганот, како што ние го нарековме невремето, нема да има воопшто јаболка. Штетите се стопроцентни. Околу 400 хектари беа зафатени од невремето на потегот од јужниот дел на Сливница до Маркова Нога. Во тој дел, штетата ќе биде не само за оваа година, туку и за наредната, бидејќи се оштетени насадите. Неколку стотини садници се откорнати, а и оние кои останаа се без лисна маса, тоа значи дека едвај би преживеале в година. Оваа и следната година, а можеби и таа по неа, ќе имаме негативни последици“, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

    Овоштарите велат дека јаболката скапуваат и на дрво. Економски се загрозени 350 семејства од селата Крани, Штрбово, Наколец, Долно Дупени, Љубојно, Брајчино, Арвати и Сливница. Тие годинава веќе вложиле пари во резидба, ѓубрење и заштита на јаболкниците, а берба нема да има. Нема да можат да ги платат долговите по земјоделските аптеки. Во тек е пријава на штетите во Општина Ресен, а дополнително ќе се каже како државата ќе им помогне на овоштарите.

    Според овоштарите, Преспа е на удар на климатските промени. Лани градот во мај предизвика хиперпродукција, а годинава ќе се соочат со намалено производство.

    „На картата со климатски промени, Преспа беше мапирана како еден од можните региони во нашата земја, заедно со Тиквешкиот Регион. Секоја година, некој дел од Преспа е зафатен од силно невреме и град. Но, вакво невреме не се памети. Можеби, пред земјотресот, во 1962/63 година. Но, ова беше ураган во најмала рака. Во првиот налет, ветерот имаше удари од 180-200 километри на час, проследени со силни врнежи од град и дожд“, вели Пампулевски.

    Во ваков случај не би помогнале ни мрежите против град. Невремето би ги откорнало и бетонските столбови, а мрежите би отишле во неповрат, што е инвестиција од 15-20.000 евра по хектар. Ветерот таа вечер откорна дрвја високи по неколку метри сосе корени, а некаде и зацементирани.

    Овиштарите бараат да се најде заедничко решение со земјите од регионот, зашто поради близината на Јадранското и на Егејското море, државите од Грција до Хрватска се погодени од климатските промени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари