30-годишен кавадарчанец уценувал две девојки да му дадат по илјада и две илјади евра за да не објави на социјалните мрежи компромитирачки видео и фото материјали поврзани со нив. Дознаваме дека двете девојки се полнолетни и не се познавале, а биле уценувани со секс снимки во различно време. Двете кавадарчанки ги пријавиле уцените во полиција, па денеска тој бил приведен во полицискa станица, поради основано сомнение за сторено кривично дело „изнуда“.
Бил извршен и претрес во неговиот дом заради обезбедување на докази за кривичното дело кое му се става на товар. Потврда добивме од СВР Велес, под чија надлежност е Кавадарци.
„На ден 13.10.2017 година во полициската станица од општа надлежност Кавадарци од страна на две лица е пријавено дека истите се уценувани од непознато лице да му дадат парични средства за да не објави компромитирачки материјали за нив на социјалните мрежи. По брзата акција на вработените од ПС ОН Кавадарци откриено е лицето од триесет години од Кавадарци и истото е лишено од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело ‘уцена’“ , вели Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.
Тој додава дека по извршениот разговор и собраниот доказен материјал, против лицето од Кавадарци до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава за извршено кривично дело „уцена“.