Познатите вешти занаетчии во Охрид се борат за сопствената егзистенција поради коронакризата. Нема муштерии, па и оние малкуте дуќани кои низ годините опстојуваа по Старата охридска чаршија ставаат катанец на врата.
„Неисплатливо е да се отвора дуќанот кога ниту денар не влегува во касата“, велат занаетчиите.
95-годишниот опинчар Милан Белев е најстариот занаетчија во Охрид. Повеќе од седум децении го работи овој занает. Жали за убавите времиња кога неговиот дуќан беше атракција и за фотографирање и за пазарување од страна на бројните странски туристи, особено Холанѓани. Вели дека памети многу кризи, но оваа е најстрашната досега.
„Не знам кога последен пат дошол некој муштерија. Опинчарството е тежок занает што го пренесов на внук ми, но во вакво време тешко дека ќе може да опстои. Имало тешки периоди и порано, но ова е најстрашно. Охрид е туристички град, странците ни беа најдобрите муштерии. Сега нема туристи, чаршијата е пуста и никој не влегува во дуќанот“, вели дедо Милан.
Во Старата чаршија, која во минатото беше симбол на занаетчиството во Охрид, сега едвај може да се види отворен дуќан.
„Лоша е состојбата. Побарувачката е намалена, занаетчиите не можат да одржат ликвидност, фирмите згаснуваат. Целиот занаетчиски сектор има финансиски потешкотии. Најпогодени се уметничките занаети, како резбарство, филигран, изработка на накит. Тоа се сезонски занаети кои чекаат туристи. Кризата ја осетија и услужните дејности, бербери, шнајдери, кондураџии, кои бележат голем пад на прометот. Загрижувачка е бројката од деветмина занаетчии кои престанале да ја вршат својата дејност во текот на оваа година“, вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.
Богоески очекува бројката на затворени занаетчиски фирми да се зголеми во следните два месеци. Според него, загрижува и фактот што од 250 регистрирани занаетчии добар дел не поседува занаетчиска дозвола согласно новиот Закон за занаетчиство.
„Успеавме да ги протуркаме и нив во четвртиот пакет мерки од Владата. Ако за следната година има нов пакет мерки, мислам дека тие нема да бидат опфатени“, додава Богоески.
Со четвртиот пакет мерки се предвидени дополнитени 12 милиони денари за поддршка на занаетчиите за набавка на алат и опрема и исплата на плати, како и бескаматни кредити до 5.000 евра за зголемување на ликвидноста. Со нови законски измени, од 1 јануари ќе се намали ДДВ на занаетчиските услуги од 18% на 5%.
С. ВРЕНЦОВСКА