Здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ транзен“ од Струмица креираше две туристички патеки со цел да го анимира и промовира културно-историското наследство од различни епохи.
Првата патека е насловена „На патот кон духовната традиција – 1.000 години Струмичка епископија“ и опфаќа средновековни цркви и археолошки сакрални објекти од среден век на територијата на Општина Струмица, додека другата патека ги опфаќа археолошките локалитети и е насловена „7.000 години цивилизација, од праисториска населба до средновековно утврдување“.
Токму на овие две патеки се поставени 11 информативни табли со податоци, датирање и фотографии за локалитетите Св. 40 Севастиски Маченици и Римска Терма во Бања Банско, Св. 15 Тивериополски Маченици, Орта Џамија и Мачук во Струмица, Св. Богородица Елеуса во Вељуса, комплексот Св. Леонтиј во Водоча, Цареви Кули над Струмица, Турска кула и локалитетот средновековна црква во Струмица.
„Паралелно изработивме туристички водич и интернет апликација на македонски и англиски јазик, со цел странските туристи да видат што е можно повеќе од културното и историско богатство што како град го поседуваме. Сметаме дека имаме потенцијал и мора да се грижиме и промовираме. Римската Терма кај Бања Банско претставува уникатен објект кој датира од 3. век, кој многу малку се посетува. Нашата цел беше во пакет да поврземе неколку културно-историски споменици“, изјави Јасмина Пијанманова од здружението „Култ транзен“, која апелира до сите туристички агенции за поголема промоција, а до институции за поголема грижа на културно-историските споменици, кои можат да бидат и самоодржливи.
Активностите на „Култ транзен“ беа во рамките на проектот „Струмица како културно-историска туристичка дестинација“, кој се спроведе во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансиран од ЕУ, а го спроведе УНДП. Целиот проект чини околу еден милион денари, а го помогна и Општина Струмица.
В. ТРАЈКОВ