Скопјани од следната година на смс порака и преку и-мејл ќе добиваат информации до каде е обработката на нивниот предмет поднесен во одделението за даноци на Град Скопје. Петре Шилегов, градоначалник на Скопје, каже дека воведуваат нов софтвер во работењето на даночното одделение, со кој ќе им олеснат на скопјани да не мора да доаѓаат во барака 16 на Градот за да добијат информација до каде им е предметот или дали треба да донесат уште некој документ. Тој кажа дека со новото софтверско решение граѓаните ќе може електронски да ја проверат состојбата со данокот на имот или фирмарината, и ако има некој проблем по електронска пошта да алармираат во одделението за даноци тоа да се исправи.
„Освен продолжување на работното време до 19.30 часот, на почетокот на следната година граѓаните ќе може преку смс или по електронска пошта да добијат информација до каде е обработката на нивниот предмет за данок на имот. Во оваа фаза ова софтверско решение ќе се користи за да добијат граѓаните информација и да не мора да доаѓаат во даночното одделение. Од досегашната пракса многу од граѓаните доаѓаат во барака 16 за да се информираат до каде им е предметот“, рече Шилегов.
Тој кажа дека и натаму скопјани ќе мора лично на шалтер да поднесат барање за данокот на имот, како и за подигање на решението.
„Исто така ако се утврди дека има некој проблем и се бара дополнителна документација тоа ќе мора да го прават лично на шалтер“, кажа Шилегов.