Одбележувајќи го Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3-ти декември Основното училиште „Наим Фрашери“ во Тетово доби инклузивно игралиште за учениците со попреченост.
Игралиштето е донација во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ спроведен од Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со партнерските граѓански здруженија „Хандимак“ од Тетово и „Инклузива“ од Куманово.
„Ова игралиште ќе се чува и ќе го употребуваат ученици со попреченоста и на тој начин заедно со другите ученици ќе уживаат во благодетта на оваа можност. Нашето училиште има направено доста за унапредување оваа група на ученици. Во училиштето учат 1.500 ученици а со нив и мала група од 20 ученици со попреченост. Шест ученици од оваа група добиваат стипендија од овие организации“, изјави Нијази Беџети, педагог во училиштето.
Цел на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е да им помогне на училиштата каде учат учениците со попреченост преку добивање стипендии да ја подобрат својата инклузивност и пристапност во образованието.
„ Ова е трета година од проектот се реализира заедно со НВО Хандимак и Инклузива, со поддршка на Министерството за образование и наука и општествено одговорни компании кои помагаат за подигање на свеста кај населението за лицата со попреченост. Ние досега доделивме 664 стипендии за ученици со попреченост, обучивме 300 наставници и ги подобримве услови за школување во поголемите училишта. Имаме изградено уште пет други инклузивни игралишта, пет сензорни соби и четири училиштаа ги опремивме со систативна технологија. За училиштето „Наим Фрашери“ значајно е тоа што преку ова инклузивно игралиште ги подобруваме условите за работа не само за ученици со пореченост туку и за сите други ученици“, изјави Елена Мишиќ, тим лидер во проектот.
З. АНДОНОВ