Интимен театар од Битола ја подготвува претставата „Жени“ во режија на Софија Ристевска Петрушева во која ќе учествуваат битолчанки кои го победиле канцерот на дојка, една од болестите на денешницата која го коси женскиот свет. Претставата содржи документарни материјали, а во неа жените отворено ќе зборуваат за проблемите пред кои биле исправени.
„Ова е важен проект на кој во моментов работиме и се обидуваме да го истуркаме подолго време. Мојата сестра е психијатар по професија, а во Хотел ’Театар‘ каде што е и седиштето на Интимен театар функционира една група за поддршка на жени болни од рак на дојка. Тоа се жени кои ја преболеле болеста или во моментов се болни. Оваа група за поддршка постои околу четири години и околу 40 жени, помалку или повеќе, се сретнуваат секој понеделник и си даваат поддршка. Шест од тие жени прифатија да работат претстава со мене, зборуваат за своите проблеми во претставата. Возраста на тие жени е од 30 до над 70 години“, вели режисерката Софија Ристевска Петрушева, основач на Интимен театар во Битола.
За да се реализира претставата, која говори за еден доста актуелен проблем со кој се соочени припадничките на понежниот пол во Битола, имаат потреба од спонзори.
„Во моментов за тој проект бараме финансирање и се надеваме дека ќе ги најдеме за да можеме да излеземе со тој продукт, кој не е навистина театарска претстава туку се документарни материјали зашто учествуваа жени кои го преживеале конкретниот проблем“, додава режисерката.
Таа информацијата за новата претстава ја соопшти на настанот „Womаnpreneurs stories“ што го организираше Фондацијата „Преда плус“, а на кој битолчанки жени претприемачи зборуваа за своите приказни.
„Културата е дисциплина на богатите држави, на оние држави каде луѓето се среќни, задоволни, имаат добри финансиски примања и можеме да ги мотивираме да доаѓаат на театар или во опера. Кај нас ситуацијата е многу различна. Тешко е да се допре до публиката да дојдат во приватен театар и да платат билет околу 150 денари. Ние не правиме пари, многу е тешко во културата човек да стане финансиски богат, но има други аспекти што се многу важни, како што се едукација на локалното население и стимулирање на локалното население да се охрабри да зборува за своите проблеми“, рече Ристевска Петрушева.
Во Битола, според податоци на здруженија на лица болни од рак, секоја недела има по една жена заболена од канцер на дојка.
Ж. ЗДРАВКОВСКА