ЗАМРЕ ГРАЃАНСКИОТ АКТИВИЗАМ ВО ВЕЛЕС, НЕКОИ СЕ ОТКАЖАА ОТИ НЕМААТ ПАРИ, ДРУГИ ЗАМИНАА ВО ПОЛИТИКА

    ЗАМРЕ ГРАЃАНСКИОТ АКТИВИЗАМ ВО ВЕЛЕС, НЕКОИ СЕ ОТКАЖАА ОТИ НЕМААТ ПАРИ, ДРУГИ ЗАМИНАА ВО ПОЛИТИКАПоследниот значаен пример на граѓански активизам во Велес беше маршот на 15.000 граѓани до Топилницата во 2011 (Фото: СДК.МК)

    Граѓанскиот активизам во Велес исчезна. Десетина години ги нема невладините здруженија да реагираат и да го кренат гласот за здравата животна средина, квалитетот на воздухот и водите или за демократските процеси во Велес. Ако пред една декада тие влијаеја врз јавното мислење, сега тешко се стигнува до нивниот став за проблемите на велешани.

    Помниме време кога имаше граѓански активизам, па го снема. Сега повторно се јавуваат некои здруженија. Во однос на некои минати времиња, сега е далеку послабо. Од граѓански активизам не се живее. Секому граѓанскиот сектор му е втора работа. Некои граѓански активисти отидоа и во политика“, кажа Дејан Ристов од невладината организација „Активо“.

    Едно општество не може да се движи без граѓански активизам, кој е коректив на состојбите во средината. Често оваа изјава ја користеа локалните власти, барајќи аргументирана критика за нивната работа.

    Короната сериозно влијаеше на животот, па и на граѓанскиот активизам. Исчезнаа дружењата, средбите, контактите, состаноците, не можеа да се организираат активности. Во овој период, средства за граѓанскиот сектор скоро и да немаше, а без пари, нема ни активности. Имам впечаток дека волонтерството изумира, секој сака неговиот труд да биде платен“, рече Иванка Андовска од Друштвото на родители за грижа за здраво поколение.

    И додека останатите активисти се со став дека во Велес нема граѓански активизам, екологистите од „Вила Зора“ велат дека работат, иако малку се присутни во медиумите.

    Не е дека го нема граѓанскиот активизам. Ние работиме. Во градинките ќе местиме компостери за производство на хумус, а за да не бидеме пристрасни, ја набљудуваме корупцијата во Општина Неготино, а не во Велес“, вели Сашка Коцевска од „Вила Зора“.

    Седум децении, Извидничкиот одред (ИО) од Велес работи со младите, обидувајќи се да им ги отвори видиците за здрава животна средина и за природата. Но, примерите кои ги добиваат во јавноста ги обесхрабруваат младите.

    Неколку години по ред немаме добиено никакви средства за активности од локалната власт. Проекти имаме, ама пари нема. Потоа дел од активистите од градот заминаа во политика. Очигледно, таа е поисплатлива отколку граѓанскиот активизам“, вели Ангелче Гушев, началник на ИО „Димитар Влахов“ од Велес.

    Сè уште во сеќавање е долгогодишната борба за здрава животна средина, која заврши со голем марш до Топилницата, во кој учествуваа 15.000 велешани. По затворањето на Топилницата, завршија и активностите на велешкиот граѓански сектор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира