Исчистен е долниот тек на Отовичка Река, една од мерките за ревитализација на Езерото Младост. Една седмица механизација го чистеше просторот од трска, шавар, кал, отпад, сè што гравитира кон Отовичкиот Залив.
„Како една од активностите за спас на Езерото Младост, деновиве се исчисти дел од коритото на Отовичка Река. Следи чистење на крајбрежјето“, соопшти локалната власт на Општина Велес.
Бидејќи на неодамнешниот јавен повик за чистење на наслагите од површината на водата не се јави ниту една фирма, од Јавното претпријатие за водостопанскто (ЈПВ) „Лисиче“, кое е носител на проектот за ревитализација на акумулацијата, велат дека е обезбедена механизација со која ќе за заврши работата.
„Од следната на следната седмица почнуваме со чистење на крајбрежјето. Ќе се чисти од тиња, ќе се сече трската во водата, старите исушени дрвја. За ова имаме обезбедено дозвола од Министерството за животна средина“, кажа Ване Маневски, директор на „Лисиче“.
Владата издвои 10 милиони денари (над 160.000 евра) за решавање на проблемот со изумирање на езерото, поради недостиг на кислород. Според препораките на стручните лица од Хидробиолошкиот завод од Охрид дадени уште лани есента, треба да се врши дотур на свежа вода во езерото, за што се предвидени бушотини во коритото на Отовичка Река и чистење на површината од пластовите измурени алги и трски и чистење на крајбрежјето, кое треба да започне следната седмица.
П. ПЕЧКОВ



