Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ –Охрид доби вредна донација во медицинска опрема и апарати обезбедена од донација од наши иселеници во Швајцарија, во висина од околу 100.000 евра.
Обезбедени се болнички кревети, душеци, наткасни, апарати за анестезија, машини за механичко чистење на инструменти, апарати за електрокардиографија, негативоскопи, апарати за стерилизирање на опрема, фрижидери за лабораторија, светла за операциона сала, манометри, колички за касети, колички за терапија, барабани, ларингоскоп, сталаци за инфузии, инструменти и многу други видови опрема.
Директорот на болницата, д-р Харалампие Шокаровски, рече дека опремувањето на институцијата која покрива голем дел од потребите на граѓаните во ортопедско-трауматолошки поглед во регионот не само во државава, туку и пошироко, ја прави поконкурентна и многу попретставителна и како еден Регионален миниклинички центар. Според него, опремата е од исклучително значење за оваа здравствена установа и истата значително ќе ги подобри условите и за пациентите и за здравствените работници. Тој посочи дека во тек е ревизија на преостанатиот дел од новиот објект што треба да биде ставен во употреба.
„Со оваа огромна донација ќе биде обезбеден скоро целиот инфраструктурен дел со медицински кревети и дел од централната стерилизација за нашата институција. Фактички не прави подготвени во еден многу краток период по оспособувањето и завршувањето на ревизијата и проценката на проектот, еден дел од истиот проект да биде веднаш ставен во употреба. Во тек е двегодишна набавка. Во периодов тече една ревизија со проценка на останатиот дел кој треба да се догради и стави во функција. Се прави проценка на заостанатиот дел во машинство, електрика и градба. Завршени се електриката и проценката на градежниот дел останува уште делот од машинството. Тоа е и најскапиот дел каде треба добра проценка за кога ќе се распише постапката за нов изведувач точно да е специфицирано колку ќе треба. Меѓутоа голем дел од проектот и во меѓувреме во соработка со Министерството за здравство успеавме да оспособиме дел од зградата заедно со операционите сали и интензивна нега и очекувам дека за краток период, се работи за месеци, кога ќе бидат пуштени во употреба“, кажа Шокаровски.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, иницијатор за реализацијата на оваа донација, рече дека оваа болница е институција со долга традиција, стручен кадар, современи медицински третмани и ужива голема доверба кај домашните но и кај странските пациенти.
„Бидејќи се работи за врвен медицински бренд кој претставува гордост не само за нас, туку и за целиот здравствен систем во Македонија, секогаш треба да ја има нашата безрезервна поддршка и внимание. Во таа насока, јас како градоначаник и Општина Охрид како одговорна локална самоуправа, иако немаме директна ингеренција врз здравствените установи, во интерес на целокупната заедницата, секогаш се трудиме да бидеме партнер и поддржувач на институциите што директно се грижат за животот и здравјето на граѓаните. Би сакал да нагласам дека Општина Охрид и понатаму останува отворена и активно вклучена во сите иницијативи и проекти кои носат бенефити за граѓаните, верувајќи дека само преку партнерство и посветеност можеме да изградиме посилна, поздрава и посолидарна заедница и да обезбедиме подобри услови за нашите граѓани во сите сегменти на општественото живеење“, истакна градоначалникот Пецаков.
С. ВРЕНЦОВСКА