ИСКРШЕНАТА СПОМЕН-ПЛОЧА НА АЦО ШОПОВ ЗАМЕНЕТА СО НОВА, ВАНДАЛИТЕ НЕОТКРИЕНИ

    ИСКРШЕНАТА СПОМЕН-ПЛОЧА НА АЦО ШОПОВ ЗАМЕНЕТА СО НОВА, ВАНДАЛИТЕ НЕОТКРИЕНИПо поставувањето на новата, старата искршена плоча е отстранета. (Фото: СДК.МК)

    Во таканареченото Горно маало на улицата Сане Георгиев во близина на Историскиот архив во Штип кај родната куќа на современиот македонски поет, револуционер и академик Ацо Шопов денеска беше поставена нова спомен-плоча откако претходната пред два месеци беше целосно искршена. Оштетената плоча е отстранета, а новата е поставена од другата страна на дворниот ѕид од куќата која по промената на неколку сопственици пред пет години прерасна во куќа на Христијанската верска заедница „Јеховини сведоци“.

    Претходната плоча беше изработена и поставена од Сојузот на борците во Штип, додека на новата стои само Општина Штип. Штипските борци не реагираат на тоа што и тие како организација не фигурираат на плочата затоа што сметаат дека и тие се дел од Општината, Згора на тоа Општината и Сојузот на борците се договориле во надлежност на Општината да биде одржувањето и обновувањето на спомениците, а Сојузот на борците само да ги одбележува значајните личности и датуми.

    Општината и Сојузот на борците го осудуваат вандализмот. Од СВР Штип информираат дека сè уште не се пронајдени лицата кои го сториле овој вандалски чин, но се работи на откривањето не само на овој туку и на останатите вандализми што се случија во изминатите неколку месеци со повеќе споменици и спомен обележја во градот. Пред извесно време беа искршени спомен бистите на првоборците Васил Доганџиски и Јаким Стојков кои се поставени пред ОУ „Ванчо Прќе“ и неколку бисти на бранителите кои се наоѓаат во паркот „Бриони“ во Штип.

    Во спомен на големиот македонски револуционер, поет и академик во Штип функционира само спомен собата која се наоѓа во Домот на културата што го носи неговото име. Неколку години по смртта на Ацо Шопов (1923-1982) неговата сопруга и ќерка, Светлана и Јасмина целото литературно богатство го преотстапија на неговиот роден град за да се отвори спомен соба. Собата располага со 2000 книги и преводи, автографи, многу вредни предмети и украси и скулптури и спомен биста дело на штипскиот уметник Александар Смилков.

    Од сите досегашни директори на Домот на културата „Ацо Шопов“ имаше најави дека спомен собата ќе биде постојано отворена за граѓаните, а посебно за учениците за одржување на јавни часови, но сè уште работи само повремено кога има одбележувања или промоции на книги.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира