Пред зградата на Основниот суд во Куманово синоќа била истурена непозната течност. Случајот е пријавен во полиција, а од местото се земени примероци за да се утврди за каква материја станува збор.
„Во 21.50 часот, полициски службеник од судската полиција при Основниот суд Куманово пријавил дека едно лице се доближило до зградата и истурило течност, по што се оддалечило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Претседателката на судот, Снежана Манев, потврди дека течност била истурена пред службениот влез.
„Машко лице со качулка на главата се движело пред и околу судот и во еден момент застанало пред вратата каде што влегуваат вработените и ја истурило течноста. Тоа го забележал вработен во судската полиција и веднаш го пријавил случајот. Земени се примероци од течноста и обезбедена е видеоснимка. Засега не знаеме за што станува збор, полицијата и обвинителството го истражуваат случајот“, изјави Манев.
Неофицијално, лицето потоа со автомобил кој го чекал во близина на судот си заминало.
Пред две и пол години, на 11 јули 2023 по полноќ, во Кумановскиот суд избувна пожар во подрумските простории каде што се наоѓаше архивата. Причина за пожарот беше краток спој на електричната инсталација, а беше предизвикана голема материјална штета.
С. НИКОЛИЌ



