Градежните активности на Водно, каде што е предвидено да поминува трасата на гасоводот, моментално се стопирани, објави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и ги повика сите загрижени страни на јавна дебата.
Ова уследи два дена откако активистите од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ излегоа на протест и со жив штит се обидоа да ја запрат изградбата на гасоводот, што доведе и до тензична ситуација.
„Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес и да не го слушнам гласот на јавноста. Затоа, Град Скопје одлучи в понеделник, во 13 часот, во просториите на Советот да организира дијалог и дебата на загрижените страни. На оваа дебата ги повикуваме претставниците на државните органи надлежни за изградбата на гасоводот, како и на граѓанските здруженија, кои ја покажаа загриженоста и протестираа. Во меѓувреме, градежните активности се стопирани и така ќе биде сè до завршувањето на процесот на дијалог и дебата“, изјави Шилегов.
Тој кажа дека и пред почетокот на градежните активности имале интензивни разговори со активисти и со здруженија на граѓани, барајќи заеднички алтернативни и компромисни решенија, како резултат на што дошло до намалување на широчината на трасата од 25 на 10 метри и до измени на трасата.
„И покрај ова, во јавноста сè уште постои загриженост околу трасата и изградбата и ние ја цениме таа загриженост. На јавната дебата ги покануваме и министерот за транспорт Горан Сугарески и директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи, за да ги слушнеме сите аргументи, и ние и јавноста“, додаде Шилегов.
Г. КОНЕВ