Патнички воз на влезот во железничката станица Јане Сандански вчераутро излетал од шините, нема повредени и причинета е мала материјална штета. Во патничкиот воз, локомотива и еден патнички вагон, кој сообраќал од Кочани за Скопје имало околу дваесетина патници. Бидејќи возот влегувал во железничка станица возел со мала брзина. Настанот е евидентиран во полицискиот билтен и МВР денес информираше за него.
„На 22 јули околу 8.25 часот било пријавено дека на влез на Железничка станица ‘Јане Сандански’ во Скопје, патнички воз, кој сообраќал на релација Кочани- Скопје, со предните тркала од локомотивата излегол од шините, по што удрил во метален столб. Во незгодата нема повредени лица“, информираа од МВР.
Дали причината за излетувањето е топлото време и проширените шини или крадците кои украле шрафови од пругата, како што упатени тврдат, ќе се знае по увидот на екипа МЖ Инфраструктура.
„Денес е врши увид, комисијата е на терен, која ќе ја утврди причината зошто се случило излетувањето“, кажаа од МЖ Инфраструктура.
Железничкиот сообраќај на релацијата од Скопје кон Велес бил во прекин пет и пол часа, до 14 часот вчера.
П.ПЕЧКОВ