Врвулица народ на градскиот плоштад во Кавадарци, дојден да ги види изложените борбени возила кои учествуваат на воената вежба „Брз одговор 23“. Вежбата се одржува на полигонот Криволак од 22 мај до 2 јуни.
„Целта на вежбата е да се покаже заедништвото, сојузништвото, но пред сè подготвеноста на армиите од земјите учеснички за совладување на какви било предизвици кои може да се заканат во иднина“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
На вежбата учествуваат САД, Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово како земја-партнер. Копнените сили на САД за Европа и Африка како и припадниците на Националната гарда на Минесота се дел од учесниците на вежбата.
„Фактот дека сме тука, несомнено ја покажува нашата поддршка и партнерството кое досега го имаме изградено. Овие 30 години партнерство треба да ве направат и вас горди“, рече амбасадорка на САД во Македонија Анџела Агилер.
Меѓу изложените возила беше и роботизираното таканаречено „проџект ориџин“, кое е во пробна употреба и е платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии на Армијата на САД.
„Денес за Кавадарци е свечен ден, луѓето излегоа, дојдоа да видат. Армијата е дел до нас, бидејќи кога ние спиеме, тие нè чуваат и се добредојдени“, кажа градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
Постарите во публиката се потсетува на војничките денови, помладите се воодушевуваа и се фотографираа со возилата создадени по нова технологија.
П. ПЕЧКОВ