ЈАГНЕШКОТО МЕСО ЧИНИ И ДО 500 ДЕНАРИ КИЛО, ПРЕД ВЕЛИГДЕН СЕ ОЧЕКУВА ДА ПОСКАПИ ЗА 10 ОТСТО

    ЈАГНЕШКОТО МЕСО ЧИНИ И ДО 500 ДЕНАРИ КИЛО, ПРЕД ВЕЛИГДЕН СЕ ОЧЕКУВА ДА ПОСКАПИ ЗА 10 ОТСТОПред Велигденските празници се најавуваат за 10 отсто повисоки цени. (Фото: СДК.МК)

    Цената на јагнешкото месо стаса и до 500 денари за килограм. Пред Велигденски празници се најавуваат цени повисоки за 10 проценти од сегашните, односно од 550 денари па до рекордните 10 евра за килограм што досега не се случило во сточарството.

    Со оглед на високите трошоци сточарите сметаат дека откупната цена треба да биде најмалку 250 денари за килограм, но неколкуте откупувачи кои во Македонија ја диктираат цената ја фиксираат максимум на 190 денари. Натегањето трае и за време на шпицот на откупот и извозот на јагниња, па деновиве се случува маркетите и месарниците во Македонија да добиваат претежно јагнешки ситнеш, џигер, крезли и јагнешки главчиња, односно тоа што странскиот пазар воопшто не го бара.

    Но, и јагнешкиот ситнеж кој е всушност отпадокот, кај нас не е со ниска цена. Цената на јагнешката јатка изнесува 500 денари килограм, крезлите  250 денари, а јагнешкиот џигер се продава по цена од 150 денари за еден комплет со марамица кој обично има тежина од 600-800 грама.

    Цените варираат во зависност од градовите. Традиционално, цената на јагнешкото месо во месарниците, на пример во Велес, е пониска од Штип за 50 денари и изнесува 450 денари. Велешани најавуваат дека наредните денови и кај нив е можно да се зголеми цената на  500 денари за килограм, а штипските месарници и маркети најавуваат цена и над 550 денари. Слични разлики има и во останатите градови во Македонија од кои некои сметаат дека кај нив цената на јагнешкото пред Велигден ќе достигне над 600 денари за килограм.

    Во слична ситуација е и козарството. Намален е фондот на кози, а со тоа и понудата на јариња, но во некои села во Општините Штип и Карбинци има сточари кои одгледуваат по неколку десетици грла и сега за празниците ги продаваат по цена од 200 денари килограм жива мера.

    Трговците се прашуваат како може сточарите да се жалат на ниски цени, а тие да добиваат јагнешко кое мора да го продаваат по високи цени со кои ќе немаат загуба, освен минимална добивка колку да имаат за гола егзистенција.

    Ваквата состојба и ниските плати прават голем број касапи во последно време да ја напуштаат работата во месарниците, а некои дури заминале во странство да бидат келнери па дури и овчари најмногу во Хрватска, каде се платени за трипати повеќе од Македонија, велат дека имаат плата по 2.000 евра со обезбедена храна и сместување..

    Сточарите во Македонија тешко обезбедуваат чувари и напасувачи на стадата и нивно молзење. Минатата година, за шестмесечно овчарување од празниците Митровден на 8 ноември до Ѓурѓовден на 6 мај добиваа по 5.500 евра и по два оброка на ден, додека за оваа година овчарите барале плата речиси двојно повеќе од лани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира