Ако Јотова оди во Евла нека се искачи до соседното село Болно, Ресенско, да каже каде се гробовите на народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, на кои до денес не им се знаат почивалиштата, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борци од Битола. За него доаѓањето на потпретседателката на Бугарија, Илиана Јотова, во Битола и околината точно за 4 ноември кога градот го одбележува Денот на ослободувањето од фашизмот е чиста провокација.
„Јотова некако многу блиску се доближува до Болно. Евла е на три километри оддалечена, сигурно нема да оди да ги посети местата каде се загинати Стив и Мите или нека дојде да покаже каде Стив и Мите имаат гробови“, вели Бошков, потомок на народниот херој Стив Наумов кој загина во борба со фашистите во 1942 година на 22 годишна возраст во преспанското село Болно.
Историчарите раскажуваат дека овие македонски партизани загинале во борба со фашистичкиот окупатор, а бугарската полиција ги погребала во два гроба, потоа ги откопала и ги пренела кај селската црква, а од тука, тајно, телата ги однеле кај селото Ѓавато, каде се претпоставува дека ги запалиле со бензин. Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат.
„Ништо друго не очекуваме од бугарската потпретседателка и нејзината делегација освен провокација и обид да ги омаловажат нашите празници. Но, тоа нема да има некое фајде зашто колку и да го прават тоа ние ќе бидеме појаки. Само годинава да се погледне каква е прославата на 4 Ноември во Битола, со многу настани, доказ е дека јакне почитта кон НОБ и борците“, рече Бошков.
Јотова денес треба да пристигне во Битола. Бидејќи нема официјална вест за целта на посетата и нејзината агенда, неофицијално дознаваме дека во Битолско ќе се задржи два дена, при што за денес е планирана посета на ресенското село Евла, а за сабота на конзулатот и на гробиштата на бугарските војници во село Цапари.
Таа беше на отварање на културниот клуб Ванчо Михајлов во некогашното Еврејското маало во Битола во април годинава, при што на прашањето зошто Бугарија не дозволува регистрација на здруженија на Македонци што живеат таму одговори: „Кои се тие Македонци?“
Ж. ЗДРАВКОВСКА