Кафулињата кои се наоѓаат на градските улици и кои зафаќаат јавна површина сè уште плаќаат комунална такса од 5 денари за метар квадратен. Одлуката за намалување на комуналната такса од 15 на 5 денари беше донесена во 2020 година, во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, како една од мерките за помош на угостителството поради корона вирусот и забраните за работа.
Но, мерки за заштита од ковид-19 нема веќе четири години, а одлуката не е сменета и кафеанџиите цело време си плаќаат намалена комунална такса.
На Град Скопје дури денеска им текна да предложат одлука за коригирање на цената на комуналната такса односно враќање на старата цена од 15 денари.
„Веќе одамна немаме коронавирус и затоа треба да се врати старата цена. Исто така оваа одлука треба да се донесе за да имаме исти цени со општините кои на општинските улици кои се нивна надлежност наплаќаат од 8 до 15 денари комунална такса“, рекоа од Секторот за даноци и такси во Град Скопје.
Но, мнозинството советници во Советот на Град Скопје не го прифатија барањето на градоначалничката Данела Арсовска, за поскапување на комуналната такса. Одлуката не помина бидејќи за неа гласаа само 6 советници.
А. АНТЕВСКА