СТАРИОТ КАМЕН НА ОХРИДСКАТА ЧАРШИЈА ЗАВРШИ ВО ГЕРМАНИЈА, НОВИОТ МЕРМЕР НЕ МОЖАТ ДА ГО ИСЧИСТАТ ОД МАСТИКИ

    СТАРИОТ КАМЕН НА ОХРИДСКАТА ЧАРШИЈА ЗАВРШИ ВО ГЕРМАНИЈА, НОВИОТ МЕРМЕР НЕ МОЖАТ ДА ГО ИСЧИСТАТ ОД МАСТИКИВо акцијата за отстранување на гумите за џвакање од мермерните плочи на Охридската чаршија учествуваа 6 комунални работници со специјални алатки (Фото: СДК.МК)

    Старите камени блокови на Охридската чаршија, кои биле носени од неколку реони од Охрид, пред деценија и пол беа заменети со мермерни и сега комуналците се мачат да ги исчистат од залепените гуми за џвакање и од други флеки за кои нема средстви за чистење.

    „Екипите на Јавна хигиена при Охридски комуналец деновиве реализираа акција за отстранување на гумите за џвакање од мермерните плочи на Охридската чаршија, на потегот од плоштадот Св. Климент Охридски до плоштадот Крушевска Република кај Чинарот. Акцијата беше спроведена во периодот од 3 до 9 часот, поради помалата фреквенција на движење по чаршијата. Во отстранувањето на гумите за џвакање беа ангажирани 6 комунални работници со специјални алатки“, изјави директорт на ова јавно претпријатие Љупчо Грдановски.

    Пред петнаесетина години кога почна замената на камените блокови на Охриската чаршија, меѓу граѓаните и архитектите се одвиваше силна јавна полемика. Повеќето беа да не се менува подлогата на Чаршијата, па сепак, тогашната локална власт ја прифати идејата на еден познат охридски архитект, а и мислењето на археологот Паско Кузман, кој тогаш изјави дека тие камења „не се од злато па да не смеат да се заменат“.
    Набргу камените блокови беа заменети со мермерни, а денес се случува тоа што во тоа преме предвидуваа охриѓани и другите архитекти. На мермерот се лепат гуми за џвакање, остануваат флеки од сладолед и други отпадоци.

    Досега не се утврди правата вистина што стана со каменот од чаршијата, ниту пак за тоа може да се добие податок од локалната власт. Уште пред пред децнија и пол се слушна дека камените блокови ги откупил некој германски бизнисмен кој ги однесол во германски град, чии жители биле воодушевени од овој подарок. Некои тврдеа дека материјалот бил оставен на некоја депонија во околината на Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира