Kандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од Коалицијата „Вреди“, Хаќим Рамадани, кој е и директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на средба со иселеници во Хамбург, Германија, рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“, и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.
Рамадани и противкандидатот од ДУИ, Енвер Пајазити, кој испадна од трката во првиот круг, заминаа за Германија, Австрија и Швајцарија каде се среќаваат со иселеници и бараат гласови за Албанците да победаат на Локалните избори во Македонија.
Во втор круг влегоа Рамадани и Јовица Илиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Брвеница.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брвеница рече дека по изборите ќе го разреши Рамадани од функцијата што ја има како коалиционен партнер во Владата.
„Со жалење го слушнав сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски го кажуваше во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка, пред сѐ за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар досега во поновата историја Македонија не видела. Да влегува и мисли само за себе и за својот кусоглед, а притоа да ги занемари сите останати што се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, навистина е за жалење“, рече денеска Мицкоски во Брвеница на средбата со граѓаните.
На новинарско прашање дали изјавата на Рамадани ќе влијае врз владината коалиција со „Вреди“, Мицкоски рече тоа ќе влијае на неговата положба во иднина.
„Откако прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент“, рече Мицкоски.



