До единствената градинка во Општина Карбинци е предвидено да се доизгради уште еден таков објект, кој ќе згрижува 50 деца, исто колку капацитетот на постојната градинка. Речиси десет години, во Општина Карбинци работи единствената градинка „Кокиче“ за што беа потрошени околу 200.000 евра. Градинката е изградена во близина на селото Таринци и во неа се сместени деца од повеќе села во Општината.
„Градинката е полн погодок за жителите од Општина Карбинци, затоа што семејствата имаа големи маки со згрижувањето на децата оти ретко кое дете може да биде сместено во градинка во Штип, а сите семејства, освен оние кои работеа во Штип, не можеа да си дозволат секојдневно да патуваат. И сега во нашата градинка родителите на децата што се од далечните села работат во стопански објекти во близина, па полесно им да си ги земаат кога ќе завршат со работа. Градинката располага со потребниот кадар и ги има сите услови за квалитетна грижа и образование на децата“, вели директорката Марина Коцева-Јангелова.
Градоначалникот на Општина Карбинци Виктор Паунов додава дека оваа градинка само половично ги задоволува потребите на жителите, затоа што според анкетите, најмалку 50 семејства имаат потреба од згрижување на деца во градинка.
„Од тие причини, планираме новата градинка да биде со ист капацитет како и постојната, а со оглед на тоа што веднаш до овој објект има слободен простор и веќе е поставена потребната електрична, водоводна и канализациона инсталација, доградбата може да почне штом Владата ја донесе конечната одлука за избраниот поволен изведувач по тендерот што го распиша Министерството за труд и социјална политика, во чија надлежност е финансирањето и целокупната доградба на новата градинка“, вели Паунов.
Општина Карбинци пред еден месец ја даде во употреба новата зграда на основното училиште во селото Таринци во кое наставата ја посетуваат 38 ученици, а најави реконструкција и на училишето во селото Радање.
Т. ЈОВАНОВСКИ