Д-р Тања Анѓушева, кардиолог во приватната болница „Жан Митрев“, ќе биде првиот доктор по медицински науки што докторирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таа денеска го презентираше првиот докторски пилот проект на тема: „Ултразвучна евалуација на бенефитот на реконструктивната хирургија на аортната стеноза“, под менторство на проф. д-р Милка Здравковска.
„На првиот докторски семинар во Штип, што го следеа голем број студенти од првата докторска генерација на Универзитетот во Штип ги презентирав првичните искуства и резултати од она што е добиено од долгогодишната научна работа. Презентирав како се работи стручно, која е користа од добиените резултати во клиничката пракса. Лично за мене ова е завршница на научно-истражувачката работа што ја започнав во 2002 година“, вели д-р Анѓушева.
Проф. д-р Ленче Милошева, советник за научна соработка при штипскиот универзитет кажа дека Универзитет ги следи европските трендови, кои се стремат да креираат општество врз база на знаење.
„Докторантите и нивните докторати имаат огромна улога во европскиот линк, истражувањето и иновативноста и како резултат на тоа УГД веќе е членка на Европската асоцијација на универзитети, а сега правиме напори да станеме членка и на Советот за докторско образование“, рече проф.д-р Милошева.
Како што беше најавено докторскиот семинар ќе продолжи наскоро со презентацијата на проектот на д-р Жан Митрев на тема: „Вредноста на геометриската реконструктивна хируршка метода во лекувањето на постинфарктната аневризма на левата комора на срцето“.
Т. ЈОВАНОВСКИ