КАРОЛИНА ГОЧЕВА ЌЕ ПЕЕ НA ПЛОШТАДОТ ВО ОХРИД ЗА ДОЧЕКОТ НА НОВА ГОДИНА

    КАРОЛИНА ГОЧЕВА ЌЕ ПЕЕ НA ПЛОШТАДОТ ВО ОХРИД ЗА ДОЧЕКОТ НА НОВА ГОДИНАКаролина Гочева ќе пее на Охридскиот плоштад на 31 декември. (Фото: К. Попов)

    Општина Охрид ќе организира дочек на Нова година на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ со поп-ѕвездата Каролина Гочева. Музичкиот дел ќе биде надополнет и со настапот на македонската фолк-ѕвезда Наум Петрески, на Пајак и охридската група „Тејк фајв“,  диџеј Гец и диџеј Фејс.  На 1 јануари ќе има дневна забава со Сара Мејс и групата „Балканикос бенд“.

    Новогодишната програма оваа година го вклучува и проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој ќе започне на 24 декември и има 20 забавни настани посветени на децата. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во навечер.

    За вечерта на 30 декември на градскиот плоштад е најавен стендап шоу „2 Мадрс брадрс“ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски.

    Според туристичките работници, се очекуваат голем број туристи од земјава и странство да бидат во Охрид за време на новогодишните празници. Најбројни ќе бидат Бугарите, Србите и Турците. Тридневен хотелски новогодишен аранжман чини од 150 до 300 евра по лице. Хотелиерите сметаат дека цените не се високи па затоа интересот да се поминат празниците на охридско-струшката ривиера е голем.

    Градот е веќе украсен и осветлен со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови со што се надополни новогодишниот празничен изглед. По теркот на европските метрополи годинава на двата охридски плоштади ќе има и новогодишни базари за посетителите.

    Струга за Нова година вкупно ќе потроши 2.490.000 денари (околу 40.000 евра) од кои 2 милиони денари се само за украсување на градот. Организиран дочек на Нова година нема да има но е предвидена забава за најмладите на 30 декември со прошетка на Дедо мраз низ улиците на градот, како и концерт со локални бендови.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира