Градоначалникот Биљал Касами ја разреши досегашната директорка на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ Теута Лала, поради неправилности во досегашното работење утврдени со ревизорски извештај. Таа, пак, вели дека ревизорскиот извештај бил тенденциозно направен со цел нејзино разрешување и дека одлуката за разрешување ќе ја обжали.
„Денеска градоначалникот донесе решение за разрешување од мојата функција директор на тетовската гимназија. Јас сметам дека сето ова е незаконски направено и ќе ги продолжам сите процедури за вистината да излезе на виделина. Сметам дека ревизијата беше многу селективна кон мене“, изјави Лала.
За разрешувањето од Општина Тетово велат дека Училишниот одбор на гимназијата на состанок го разгледал ревизорски извештај и по констатирани бројни прекршоци, предложил разрешување на директорот и за тоа го известил градоначалникот на Тетово.
„Според предметниот извештај, во текот на постапките констатирани се бројни финансиски прекршоци кои го оштетиле буџетот на училиштето и го попречиле нормалното одвивање на воспитно-образовниот процес. По приемот на предлогот на гимназискиот Совет, градоначалникот постапил согласно законските одредби“, соопшти Општина Тетово.
Општината преку овластениот адвокат има поведено и постапка за констатирање на законските прекршоци што ги направила директорката.
Директорката на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ беше таа што дозволи при реконструкција на објектот целосно да се уништи муралот на тетовскиот академски уметник Павле Кузмановски, кој пред шеесетина години беше насликан на еден ѕид.
З. АНДОНОВ