КАСАМИ ЌЕ ЈА ОБНОВИ СААТ-КУЛАТА ВО ТЕТОВО СО ПАРИ ОД ТУРЦИЈА

    КАСАМИ ЌЕ ЈА ОБНОВИ СААТ-КУЛАТА ВО ТЕТОВО СО ПАРИ ОД ТУРЦИЈАСаат-кулата е класифицирана како недвижно културно добро од профан карактер од османлискиот период, а срушена е во 1933. (Фото: СДК.МК/Гавро.ком.мк)

    Општина Тетово и Националниот конзерваторски центар денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се предвидува изградба на разрушената Саат-кула во Тетово. Според градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, изградбата на овој важен објект од историското наследство на градот многу ќе придонесе за збогатување на културата и развојот на туризмот.

    „Денеска потпишуваме Меморандум за соработка со Центарот за културно наследство на Македонија, со што почнува меѓуинституционална соработка во правец на враќање на овој важен објект на културното наследство на градот. Исто така, направени се контакти со неколку важни институции во земјата и надвор од неа, со што овој проект уште еднаш се враќа во живот. За овој проект веќе се обезбедени финансиски средства, односно донација од Општина Коња, Турција во рамите на соработката на Општина Тетово со Унијата на турски Општини во светот. Се надеваме дека работите за изградбата ќе почнат во наредната година“, рече Касами.

    На почетокот на својот прв мандат како градоначалник на Општина Тетово, Касами покрена иницијатива за изградба на саат-кулата но, како што рече, требало да поминат 4 години за да се дојде до информации што е направено претходно.

    „Првичните работи за повторна изградба на Саат-кулата започнале во 2006 кога се извршени археолошки ископувања на местото каде се наоѓала кулата. Во 2016 направен е еден проект, а дури сега ние се договоривме да се земат предвид сите досега направени чекори и акумулирани информации и со денешниот ден и формално да започнеме со процедурите да се врати верниот изглед на Саат-кулата“, вели Касами.

    Во реализацијата на овој проект активно е вклучен и Центарот за културно наследство на Македонија, кој со својата стручност ќе придонесе овој историски споменик да се изгради во својот автентичен лик, колку што е тоа можно бидејќи не постојат фотографии како целосно изгледала Саат-кулата која била срушена во 1933 година.

    „Саат-кулата е класифицирана како недвижно културно добро од профан карактер од османлискиот период. Според расположливите податоци, изградена е помеѓу 1566 и 1576 година. Прв пат се споменува во Вакуфнамето од 1608. Во 17 век Тетово го зафаќа голем пожар и целосно се губи документацијата за дотогаш изградените објекти. Во 1822, Реџеп Паша ја возобновува Саат-кулата и како таков објектот трае 110 години. Во 1933 година со тогашниот Урбанистички план на Тетово било предвидено на тоа место да поминува улица и објектот, кој веќе бил делумно разрушен, престанува да постои. Во потрага сме по податоци за веродостојниот изглед на кулата. Има многу малку фотографии како изгледала Саат-кулата, меѓу кои и една фотографија од 1912. Досега неколку пати е покренувана иницијатива за повторна изградба на Саат-кулата и јас ве уверувам дека ќе ја видиме возобновена тетовската Саат-кула“, изјави Александар Јордановски, директор на Националниот конзерваторски центар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира