Секоја есен иста слика на тетовскиот зелен пазар, тротоарите и улиците околу пазарот се преполни со пиперки, домати, зелка, грозје и други производи кои земјоделците ги продаваат надвор од пазарот. Иако во Тетово четврток е како официјален пазарен ден, зелениот пазар е преполн и во текот на другите денови од неделата. Бројните импровизирани тезги поставени на тротоарите и на улицата го отежнуваат движењето како на возилата така и на пешаците. И посторно, како се која година досега, така и оваа, полицијата и инспекцијата преземаат акции за отстранување на овие непрописно поставени тезги.
„Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, во координација со инспекциските служби на тетовската локална самоуправа, започна со интензивни активности за санкционирање на незаконските узурпации на јавните сообраќајни површини во градот за угостителски, трговски и други цели.Вчера во содејство со комуналната инспекција на улиците „120“ и „Борис Кидрич“ во Тетово биле изречени 12 мерки за изложување на земјоделски и други производи, најмногу на тротоари, но и на коловозни ленти.На прекршителите-узурпатори ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.Глобата за физички лица, според овој Закон, изнесува 100, а за правни лица 2000 евра во денарска противвредност“ соопштува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
И додека полицијата и инспекцијата казнуваат земјоделците кои тука продаваат бурно реагираат.
„Ако ја погледнете таблата на неа пишува Зелен пазар, па ако е зелен пазар тогаш зошто се дозволува на повеќе од половината од тезгите на пазарот да се продаваат патики, женски гаќи, лонци и чаши, а ние земјоделците кога бараме тезга за да продаваме внатре во пазарот ни велат дека нема и дека сите тезги се закупени. Овие производи што ги продавам јас морам да ги продадам негде инаку ќе претрпам големи загуби. До сега неколку пати сум казнуван и треба да платам 700 евра казни но, што да правам“, вели Садуш од тетовското село Џепчиште.
„Јас доаѓам од Бојане овде да продавам грозје. Значи не сум тука на пазарот преку целата година туку само месец, најмногу два месеци. Зарем не може оваа наша работа маклу да се толерира. Јас сум подготвен и да платам тезга внатре во пазарот но ми велат немало слободни. Вчера полицијата ме казни па денеска продавам малку подалеку од тротоарот, знам дека и на ова место не смеам да продавам но грозјето морам да го продадам и да однесам некој денар дома“, се надоврзува Мухарем од скопското село Бојане.
Од ЈКП кое стопанисува со Зелениот пазар во Тетово велат дека тоа што го тврдат овие трговци не е точно, на зелениот пазар има доволно слободни тезги.
„Во овој момент има околу 120 слободни тезги внатре во Зелениот пазар и овие тезги им се понудени на земјоделците и трговците кои сега продаваат надвор од пазарот, но тие не сакаат да ги изнајмат бидејќи велат дека не им одговарале бидејќи таму поминувале помалку купувачи па бараат да добијат тезги во првиот ред од пазарот. Тоа што тие го бараат не можеме да им го исполниме бидејќи тие тезги веќе со години на ред се закупени и не можеме да им ги дадеме. За земјоделците кои продаваат сезонски производи направивме нов пазар кај железничката станица ама и таму никој не сака да оди бидејќи има малку муштерии. Што се однесува до тезгите на кои се продаваат производи кои не се за исхрана, Законот вели дека тоа не е забрането под услов тие да бидат одвоени од тезгите на кои се продава храна што кај нас во над 80 насто случи го запазуваме ова правило“, изјави Хавзи Ризвани, заменик раководител на Зелениот пазар во Тетово.
Од тетовската полиција и инспекција најавуваат дека вакви активности со несмалена динамика ќе продолжат и наредните денови, со цел јавните сообраќaјни површини непречено и безбедно да се користат според намената, од пешаците и другите учесници во сообраќајот.
З. АНДОНОВ