Од битолската Противпожарна единица се пожалија дека за време на интервенцијата при денешниот пожар на улица „Љубојна“ биле вербално напаѓани и врз нив се вршел мобинг, одговарајќи на обвинувањата од локалните жители дека дошле доцна, немале вода и со возилото бил повреден еден од соседите. Командирот на Пожарната единица, Костадин Поповски рече дека во интервенцијата ќе биле поефикасни, ако не кубуреле со број на професионални пожарникари.
„Кога стигнавме на место куќата веќе беше зафатена од пламен. Беше градба од штици и цело време бевме под вербални напади, под закани на група граѓани кои беа таму. Ни се мешаа во работата, физички не нè нападна, но вербално да. Не е точно дека сме доцнеле, сега телефоните се паметни, па може да се види кога е бирано и заминато. Кога при крај беше акцијата луѓето сфатија дека тој беше нашиот капацитет и ние се сторивме, меѓутоа друга група на луѓе од нивни причини цело време не напаѓаа, ни се закануваа и пцуеја“, вели пожарникарот Јоше Влинтовски.
Тој вели дека при интервенцијата возачот на камионот не можејќи директно да се упати во улицата, која била тесна, морал да направи маневар и да оди рикверц. Во меѓувреме му изгаснал камионот и тогаш некоја од соседите ја отворил вратата, овој не го видел тоа и во враќањето рикверц со вратата го повредил.
Од Противпожарната единица се жалат дека нападот врз пожарникарите е напад врз службени лица и веќе ги пријавиле напаѓачите. Потпалувачот пак, е приведен од полицијата и против него првично ќе биде поднесена пријава за предизвикување општа опасност.
Поповски рече дека законски треба да располагаат со 71 пожарникар, но бројката од 40 до 50 пожарникари би била доволна за нормално да функционираат.
„Во моментов броиме 21 професионален пожарникар, од пред една недела и денес почнуваат уште осум кои не се професионални зашто се вработени преку Агенција за времени вработувања и немаат сертификат. Во услови на пожар на објекти тие 8 лица не можеме да ги пратиме во акција, Синоќа отидовме 5 лица и едно возило, потоа беше повикано уште едно возило за дотур на вода. Ако бројката на професинални пожарникари беше поголема ќе отидевме до две возила и две екипи и ефикасноста ќе беше на поголемо ниво. Во оваа ситуација функционираме ненормално“, вели Поповски.
Оштетениот битолчанец Ирфан Зејнеловски обвини дека брат му синоќа ја запалил семејната куќа на улица „Љубојно“ во Битола, која им била оставена од родителите, а пожарот ја оштетил и куќата на Ирфан зад неа и онаа на соседите.
„Беше страшно! Пламените јазици ќе нѐ проголтаа живи. Ако соседот не нè̀ разбудеше ќе изгоревме како пилци. Кога излегов надвор го прашав брат ми ’ти ја запали куќата‘, одговори ’јас‘. Но, време за расправија немаше зашто морав да ја спасувам болната жена од куќата“. Вака раскажува битолчанецот Ирфан Зејнеловски, обвини дека брат му синоќа ја запалил семејната куќа на улица „Љубојно“ во Битола, која им била оставена од родителите, а пожарот ја оштетил и куќата на Ирфан зади неа и онаа на соседите.
Ирфан вели дека нема поим зошто братот подметнал пожар во куќата, но соседите раскажуваат дека претходно имало семејна кавга за имотот, поточно постариот брат не му дозволувал на помладиот да живее во куќата од родителите.
„Јас бев пред врата, тој помина со една кола од тука, од позади имаше две-три туби. Влезе тука во шупата со вода, го стави цревото и го пушти да полни. Зборуваше нешто, внатре растураше. Излезе и се закануваше: ’Oваа куќа ќе биде цела на државата, или ќе отепам некој или нека ме отепаат, јас овде не живеам, но оваа ќе биди на државата‘. Замина, но откако си легнавме слушнав нешто пукна. Син ми свика: ’Изглегувајте, горат куќите‘“, раскажува сосетката Шазире Хасановска.
Пламените јазици ја зафатија и куќата на соседот Роберт Бајрамов кој остана со жената и три малолетни деца без покрив над главата.
„Сѐ ми изгоре и сега каде ќе одам јас? Кај да се засолнам со жена и три деца? Кога дојдоа да ме разбудуваат соседите јас спиев дома. Ги зедов децата и жената и излегов надвор. Пожарната дојде после еден час, луѓето тука што беа сите гаснеа. Снема вода во пожарникарското возило. Едниот сосед го мавнаа со пожарникарското возилото кога враќаа рикверц и му ја скрши раката. Соседите раскажуваа дека го виделе сторителот како фрла со бензин и ја пали куќата“, раскажува Бајрамов.
Тој ги моли хуманите битолчани да помогнат со донации да ја подзакрпи куќата и да се засолни со децата. Во пожарот му изгореа и заштедата од 12.000 денари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА