До изворите на Бабуна ќе се прави пешачка патека. Нејзината должина е 1.650 метри, а широчина еден метар. Финансирана е од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа, а средствата во висина од 2,4 милиони денари се обезбедени преку проект на Вардарски плански регион.
„Со реализацијата на проектот, Општина Чашка ќе го зголеми бројот на домашни и странски посетители, со што ќе се подобри и економската состојба. Реализацијата на овие активности ќе ја зголеми туристичката понуда, што ќе придонесе за афирмација и промоција на природните убавини на регионот“, велат од Вардарски плански регион.
Со изведбата на пешачката патека до изворите на реката Бабуна во подножјето на планината Јакупица, ќе се поврзат мотел-рибникот „Нежилово“ и планинарскиот дом „Чеплес“, како и четири бачила на индивидуални земјоделци и манастирските комплекси Богомила, Согле и Ореше. Уредувањето на патеката треба да заврши до крајот на ноември годинава.
Постојната тесна и нестабилна пешачка патека лоцирана во шумскиот масив не гарантира безбедноста при движењето на планинарите и рекреативците.
П. ПЕЧКОВ