ЌЕ СЕ МЕНУВА ФИЛМСКОТО ПЛАТНО ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА ВО БИТОЛА, СЕ КОРИСТИ 12 ГОДИНИ НАМЕСТО 7

    ЌЕ СЕ МЕНУВА ФИЛМСКОТО ПЛАТНО ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА ВО БИТОЛА, СЕ КОРИСТИ 12 ГОДИНИ НАМЕСТО 7Министерството за култура одоби околу 3 илјади евра за промена, но Центарот ќе додаде пари и ќе купи ново платно. (Фото: ЗД Кино Битола)

    Филмското платно во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кое се користи за 3Д Киното и за проекциите на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, е застарено и треба да се промени. В. д. директорот на Центарот за култура Владо Илиевски, на прес-конференцијата на која ги претстави проектите кои за годинава се поддржани од Министерството за култура, рече дека се одобрени и 200 илјади денари (околу 3.200 eвра) за промена на платното, а ќе додадат и свои средства за да се набави ново.

    „Застарено е филмското платно. Тоа претежно има трајност 7 години, постоечкото е од 2013, што значи дека веќе 12 години се користи. Неколку години баравме средства од Министерството, сега ни одобрија 200 илјади денари, ќе надополниме и со наши зашто оваа сума не е доволна. Ќе треба да распишеме тендер и се надевам дека до фестивалот ‘Браќа Манаки’ ќе стигне новото платно“, рече Илиевски.

    За остварување на годишната програма, Центарот за култура од Министерството за култура ќе добие 6, 12 милиони денари (околу 100.000), од кои за Фестивалот на монодрама 600.000 денари (9.700 евра), за Фестивалот „Музика од светот“ 800.000 денари (околу 13.000 евра), и 3 милиони денари (48.500 евра) за „Илинденски денови“ што годинава слави 55 години постоење.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира