ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ ИЗГОРЕНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО И ЌЕ СЕ ПОСТАВИ СПОМЕН-ПЛОЧА ЗА 14-ТЕ ЖРТВИ

    ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ ИЗГОРЕНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО И ЌЕ СЕ ПОСТАВИ СПОМЕН-ПЛОЧА ЗА 14-ТЕ ЖРТВИОткако заврши истрагата, просторот веќе не е ограден со полициска лента, па сега служи како место каде се фрла најразновиден отпад. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа 14 месеци од пожарот кој до темел ја изгоре модуларната ковид болница во Тетово. Сеќавањето на 14-те жртви во пожарот сé уште е присутно кај тетовци, посебно кога поминуваат покрај опожарениот објект кој сé уште не е отстранет. Од објектот останаа само металната конструкција и поцрнетите преградни ѕидови кои даваат морничава слика за големата трагедија која се случи лани на 8 септември.

    Опожарениот објект повеќе месеци беше предмет на истрага за причините на пожарот и беше под постојан полициски надзор. Откако заврши истрагата, просторот веќе не е ограден со полициска лента, па сега служи како место каде се фрла најразновиден отпад. Сепак, според изјавата на директорот на Клиничката болница во Тетово Алмир Елези, наскоро се очекува да се отстранат урнатините и местото да се расчисти.

    „При крај сме со процедурите за отстранување на остатоците од опожарената модуларна болница. Досега со месеци чекавме да добиеме известување дека објектот веќе не е основ за понатамошна истрага. Сега сме во финалната фаза, кога врз основа на Законот за јавни набавки добиваме понуди од различни фирми кои треба да ги отстранат остатоците од модуларната болница. Потоа влегуваме во избор на најповолната понуда и верувам дека наскоро, откако ќе се запазат сите процедури, ќе се отстранат остатоците од модуларната болница“, рече директорот Елези.

    Засега од болницата немаат план дали на овој простор ќе се гради некаков болнички објект, но има најава дека ќе се подигне една спомен-плоча во чест на 14 лица кои загинаа во пожарот, од кои 12 беа пациенти заболени од ковид-19, а две лица беа роднини на пациенти кои тука биле да им помагаат.

    „Бидејќи се работи за многу сензитивна тема изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на пациентите кои загинаа и верувам дека во иднина на тоа место ќе поставиме една спомен-плоча во почит на сите пациенти и на нивните семејства. Понатаму, во координација и договор со Министерството за здравство ќе видиме што ќе правиме на тој простор“, вели директорот Елези.

    Почетокот на судењето за пожарот бeше закажан за 6 септември кај судијата Јордан Велковски во Тетово, но никако да почне, веќе неколкупати рочиштата се одлагаат од процедурални причини, последното неуспешно беше на 8 ноември, а следното е закажано за 7 декември. Обвинети во предметот се поранешниот в. д. директор на Тетовската болница Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, и доктор од болницата. Двајцата директори поднесоа оставки два дена по пожарот. По повеќемесечна истрага, во која беа вклучени и форензичари од Германија, Основното јавно обвинителство од Тетово на 27 јули до надлежниот Суд поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира