ЌЕ СТАВИМЕ КРАЈ НА ДИВЕЕЊЕТО НА КАФАНЏИИТЕ ВО ЦЕНТАР, ОТСЕГА НИЕ ЌЕ ИЗДАВАМЕ ДОЗВОЛИ МЕСТО ГРАДОТ И ЌЕ УРИВАМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    ЌЕ СТАВИМЕ КРАЈ НА ДИВЕЕЊЕТО НА КАФАНЏИИТЕ ВО ЦЕНТАР, ОТСЕГА НИЕ ЌЕ ИЗДАВАМЕ ДОЗВОЛИ МЕСТО ГРАДОТ И ЌЕ УРИВАМЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ„Сега точно ќе знаеме кој објект има дозвола за летна тераса и дали ги почитува одредбите. Најпрво угостителите ќе треба да достават елаборат до нас и откако ќе им го одобриме ќе побараат дозвола за вршење на дејност од Град Скопје“, вели градоначалникот Богдановиќ. (Фото: К. Попов)

    Направивме нов Правилник за поставување на урбана опрема со кој ќе ставиме крај на дивеењето на кафанџиите низ центарот на градот, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Со Правилникот Општина Центар ги презема надлежностите на Град Скопје за издавање на одобренија за поставување на маси и столици пред кафулињата и кафеаните. Досега кафанџиите поднесуваа елаборати за поставување урбана опрема во Град Скопје, кој им ги одобруваше, а Општината требаше да контролира и санкционира доколку се зафаќаше поголема јавна површина. Ваквата процедура создаваше потешкотии на општинските инспектори оти не се знаеше до каде се постапките со елаборатите и што е одобрено.

    „Сега точно ќе знаеме кој објект има дозвола за летна тераса и дали ги почитува одредбите. Најпрво угостителите ќе треба да достават елаборат до нас и откако ќе им го одобриме ќе побараат дозвола за вршење на дејност од Град Скопје. Во елаборатите ќе мора да се почитуваат условите кои пред една година ги донесе Градот, да има на тротоарите 2,5 метри простор за пешаци. Нема да толерираме никакво дивеење. Кој не ги почитува правилата ќе биде урнат“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Овој Правилник треба да биде усвоен на Седница на Советот на Општина Центар до крајот на месецов. Потоа тој ќе биде основа за носење одлуки со кои за да се отвори кафуле во зграда, газдата треба да има дозвола од 51 отсто од станарите.

    „Доколку нема ваква дозвола нема да му го одобриме проектот. Ќе го ограничиме и времето до кога може да се пушта музика на летните тераси. Планираме тоа да биде до 22 часот“, додава Богдановиќ.

    Сега низ Центар нема место за движење на пешаците и велосипедистите од тераси на кафаните и кафулињата. Летно време тие се распослани низ цели тротоари и пешачки патеки, а зимно време заградени со стакло. Никој не ја почитува одлуката на Град Скопје на јавните површини мора да има најмалку 2,5 метри проодна површина. Не даде резултат ниту мерката која ја најави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов со жолта лента да се бележи до каде може да се терасите.

    Одлуката која Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја изгласа лани на 11 април, предвидува на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

    Угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира