КЕЖОВИЦА НÈ ОДРЖУВА ЗДРАВИ И ВИТАЛНИ, ВЕЛАТ 80-ГОДИШНИЦИ ВДОМЕНИ ВО ШТИПСКАТА БАЊА СО ЕДНА ОД НАЈЛЕКОВИТИТЕ ВОДИ ВО ЕВРОПА

    КЕЖОВИЦА НÈ ОДРЖУВА ЗДРАВИ И ВИТАЛНИ, ВЕЛАТ 80-ГОДИШНИЦИ ВДОМЕНИ ВО ШТИПСКАТА БАЊА СО ЕДНА ОД НАЈЛЕКОВИТИТЕ ВОДИ ВО ЕВРОПАКирче Димков, Блашка Андонова и Борислав Стефанов се најчестите посетители на штиската бања Кежовица. ( Фото: СДК.МК )

    Осумдесет и двегодишниот Кире Димков е најголем корисник на термоминералната вода на бањата Кежовица во Штип. Нему веќе две децении постојано место на живеење му се капацитетите на бањата. Се одлучил на еден ваков чекор затоа што токму термоминералните води на штипската бања и медицинскиот персонал во Физикалната терапија го вратиле во живот и веќе со години го одржуваат да биде здрав и витален.

    Приказната за Димков започнува од неговата младост кога отишол на работа во Германија. Таму паднал од скеле. Тешко се повредил и германските лекари му предвиделе траен инвалидитет, неподвижност поради што постојано ќе бил во кревет. Некако успеал да биде префрлен во Штип и веднаш бил хоспитализиран во Физикалната терапија, која исто така ги користи термоминералните води од Кежовица. За неколку месеци физикалците успеале да го кренат на нозе и Димков почнал да оди.

    „Подоцна, решив засекогаш да се населам во бањата Кежовица која има десетина соби за издавање и јас зедов една за постојано овде да живеам. Услови има. Собите се загреваат преку систем за парно греење кој ја користи топлата вода од терминералните извори. Има заедничка кујна. Сите соби се исполнети и секогаш овде имаме друштво“, вели Димков кој за празниците бил кај своите во селото Врсаково, но планира пак да се врати оти се навикнал на Кежовица која живот му значи.

    Бањско-рекреативиот комплекс Кежовица има 38 легла кои не се пополнети само за новогодишните и божикните празници. (Фото: СДК.МК)

    Блашка Андонова (82) од кочанското село Горни Подлог и нејзиниот три години постар брат Борислав Стефанов од селото Чифлик, исто така се многу задоволни од условите. Велат жените секој ден готват за сите во заедничката кујна и секој ден се менуваат. За престојот плаќаат по 400 денари дневно, но во оваа цена влегува и најважното, користењето на топлите термоминерални води за кои, како што велат, и доаѓаат тука.

    „Нема ограничување и во базените можеме да влегуваме кога сакаме и колку сакаме. Целиот комплекс е реновиран, со нови плочки, нови базени, персоналот е грижлив за сите што се овде сместени. Се чувствуваме здраво, со енергија, освежени и полетни“, велат Блашка и Борислав.

    Вработените во ЈП„Исар“, во чии рамки работи бањско-рекреативниот комплекс Кежовица, велат дека капацитетот од 38 легла не е пополнет само во овој период од годината кога се новогодишните и божиќните празници, но во другите периоди целосно се пополнуваат. Во последно време, интерес пројавуваат и помладите генерации. И тие сметаат дека цената од 400 денари е пристојна и одговара на сите. Затоа, постојани се телефонските повици за резервација.

    „Бањата многу се користи и со дневните капење од штипјани кои за тоа плаќаат 70 денари. Напролет и преку лето бележиме над 100 капења на ден. До бањата има и автобуски јавен превоз кој за пензионерите еден ден во неделата е бесплатен. Се прави сè нивните трошоци да бидат што пониски, а условите во комплексот постојано да се подобруваат. Се планира зголемување на капацитетот. Термоминералната вода со која располагаме има речиси 70 степени и со составот што го има е една од најлековитите води во Европа“, велат вработените.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира