КИЛОГРАМ ЈАГНЕ СТАНА КОЛКУ КИЛОГРАМ ДОМАТИ – ВЕЛЕШКИТЕ СТОЧАРИ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ

    КИЛОГРАМ ЈАГНЕ СТАНА КОЛКУ КИЛОГРАМ ДОМАТИ – ВЕЛЕШКИТЕ СТОЧАРИ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИПоради немање откуп, сточарите велат дека се принудени да си ги продаваат стадата (Фото: СДК.МК)

    Сточарите од велешко се револтирани од годинашниот откуп на јагниња. Тие денеска се собраа за да реагираат на откупната цена, но и, како што велат, негрижата која ја покажува државата. Дадоа рок до петок, ако не добијат одговор какви мерки државата ќе преземе за нивна заштита, најавија дека со јагнињата и овците ќе блокираат патишта, а млекото ќе го истурат.

    „Со месеци реагираме, а проблемите и натаму не се решени. Прво, не се откупува јагнето, ќе го откупувале после 1 април. Тогаш овца ќе стане, доцна е. Има изолирани случаи од некој сточар да се откупи мало количество живо јагне за 120-130 денари. Ние бараме државата да ни ја исплаќа разликата до производната цена која ја одреди Министерството за земјоделие, а пресметало дека е 185 денари. Бараме од Министерството јавно да каже какви мерки ќе преземе за да имаме нормален откуп на јагниња“, кажа Митко Јанков, сточар од велешко.

    За една недела, само во велешко било продадено стадо од 600 овци и повеќето сточари сакаат и нивните стада да ги продадат. Тие реагираат и на годинашнава ниска откупна цена на овчото млеко.

    „По затворањето на ‘Здравје‘ од Радово, падна и цената на овчото млеко. Лани беше 40 денари за литар, сега е 35. Ниту цената на овчото сирење и кашкавал во продавници не е намалена. Исто е и со овчото месо во месарници. Тоа и натаму е 320-350 денари, а откупната цена е далеку од ланските“, додаде Јанков.

    „За да се одгледа јагне од 20 килограми, потребни се 70 дена. Само за храна, на јагнето се трошат 3.000 денари. Ако го продадеме за 130 денари, добиваме 2.600 и сме во загуба. Ако ги додадеме и трошоците за овчар, кои се минимум 500 евра, каде е заработувачката за нас. Сточарството е во колапс“, кажа Маре Маневска, сточар од Чашка.

    Таа посочи пример дека соседна Србија нашла пласман за јагне во Израел, а Грција, која до пред некоја година беше еден од најголемите купувачи на македонското јагне, со помош на државата стана извозник.

    „Колку падна цената на јагнето ќе илустрирам со тоа дека на пазар килограм домати или грав е колку килограм живо јагне. Ова е незапаметено, бидејќи цената на јагнето беше околу 180 денари“, рече Идриз Шемседини од село Клуковец.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари