КИЛОМЕТАРСКИ КОЛОНИ НА ПАТАРИНАТА РОМАНОВЦЕ ПОРАДИ РАСКОПАНИОТ АВТОПАТ СКОПЈЕ-КУМАНОВО

    КИЛОМЕТАРСКИ КОЛОНИ НА ПАТАРИНАТА РОМАНОВЦЕ ПОРАДИ РАСКОПАНИОТ АВТОПАТ СКОПЈЕ-КУМАНОВОПатарината Романовце е тесно грло на автопатот Гевгелија-Табановце и со години наназад во шпицот на летната сезона странски и домашни туристи чекаат со сати да ја поминат. - Патарината Романовце попладнево (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Куманово и туристи кои транзитираат низ државата и се движат кон граничниот премин Табановце на македонско-српската граница, чекаат и по еден час да ја поминат наплатната рампа Романовце, затоа што на поголем дел од автопатот Скопје-Куманово се вози по една лента, бидејќи другата е раскопана и чека да се асфалтира. Според кажувања на луѓе кои заглавиле во гужвата денеска околу 16 часот, колоната возила, камиони и автобуси била долга повеќе од 5 километи, до Агино село, па морале да чекаат 40 минути за да ја поминат патарината каде работеле три билетари.

    „Ние цело време возевме во колона, а како се доближувавме до патарината гужвата стануваше се поголема. Бевме заглавени, па не се гледаше ни почетокот ни крајот на колната. Стоевме повеќе од 40 минути затоа што померувањето на возилата одеше бавно. Во еден момент луѓето го изгубија трпението и почнаа да возат по ракопаната лента. Тогаш се намали гужвата, но сепак беше премногу да се чека толку долго на вакви горештини. Некој треба да се замисли и побрзо да го заврши асфалтирањето на автопатот, бидејќи е сезона на одмори. Најтажното е што за возењето по раскопаниот автопат и долгото чекање, на крај треба да се плати 60 денара патарина“, вели нашиот соговорник.

    Во редицата на возила најмногу имало странци од Србија, Германија, Швајцарија, кои се враќаат од одмор од Грција. Луѓе од авто-транспортните претпријатије велат дека секоја сабота сликата на автопатот кон Куманово е иста поради смената на одморалиштата, па затоа кумановци се почесто го користат алтернативните патишта за исклучување од автопатот во селото Романовце или патуваат по стариот пат Куманово-Скопје, преку Арачиново за да ги избегнат гужвите.

    Патарината Романовце е тесно грло на автопатот Гевгелија-Табановце и со години наназад во шпицот на летната сезона странски и домашни туристи чекаат со сати да ја поминат. Поради тоа претходната влада во јануари минатата година започна со изградба на нова наплатна рампа на стотина метри од старата, која треба да овозможи поголем проток на возила во двете насоки.

    Новата патарина беше еден од последните проекти што помпезно ги најави експремиерот Никола Груевски во последните денови на неговиот мандат. Требаше да биде пуштена во употреба, во јуни минатата година, но од Агенцијата за државни патишта тогаш за СДК.МК се правдаа дека се доцни со изградбата поради добивањето на дозволите за градба и тврдеа дека ќе биде готова во април годинава.

    Иако се гледа дека работите се при крај, новата патарина се уште не е работи, а оваа година дополнителен проблем предизвика и реконструкцијата на автопатот.
    Најголемиот метеж, сепак, сепак возачите ги очекува кон крајот на јули и почетокот на август, кога дома се враќаат гастарбајтерите и турски државјани кои транзитираат низ државата. Искуствата од минатите години покажаа дека тогаш се чека и по 4-5 часа за да се плати патарина.

    Колкави се гужвите на патарините сакавме да провериме на сајтот на Јавното претпријатие за државни патишта, но камерите се исклучени и сајтот http://www.roads.org.mk/315/video-kameri не работи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира