Со свечена академија, одржана на платото пред Музејот на тетовскиот крај, синоќа беше одбележана 250-годишнината од раѓањето на македонскиот просветител, народен творец и учител и возобновител на Лешочкиот манастир, игуменот Кирил Пејчиновиќ-Тетоец. Настанот беше во организација на Комисијата за односи меѓу верски заедници и религиозни групи, а присуствуваа бројни гости од Македонската православна црква, предводени од архиепископот г. г. Стефан, пратеници во Собранието, личности од науката и образованието и голем број жители на Тетово и околните места.
„Ние вечерва чествуваме 250 години сеќавање и споменување, и тоа за каква личност и за какво дело. За такви што живот значат и живот зрачат, а отецот Кирил е личност со дело што облагородува, што поправа и издигнува ‘скотоподобната ништожност‘, како што тој милувал да каже. А, сега и за сите времиња, нам на аманет, завет и исполнување ни се остевени сите слова и поуки кои се сумирани во онаа негова позната мисла ‘Чуајте ја верата и никоаш немојте да ни го забраете мојов манастир‘“, истакна г. г. Стефан.
За Кирил Пејчиновиќ, авторот на книгите „Огледало“ и „Утешение грешним“, за личноста која преку својот епитаф се смета за првиот поет на македонски народен јазик, зборуваше Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи меѓу верски заедници и религиозни групи.
„Кирил Пејчиновиќ е пример дека како народ може да ги постигнеме и невозможното и најголемите дела, без разлика колку се тешки околностите. Тој во едно тешко и мрачно време успеал да ги обнови Лешочки манастир и Марков манастир ‘Свети Димитриј‘ во Скопско, кои ќе останат едни од најважните во нашата народно-црковна историја. Успеал да печати книга во далечниот Будим, да собере доволно пари за во Солун да ја обнови македонската печатница на Теодосиј Синаитски и тука да ја отпечати својата втора книга. Радува тоа што во нашиот крај и во нашиот град и 250 години по неговото раѓање сѐ уште е силен споменот на него“, истакна Сотировски.
На свечената академија беше отворена изложба на портрети на академскиот сликар Павле Кузмановски, настапија реномирани македонски музичари, а беа доделени признанија на неколку институции кои го носат името на Пејчиновиќ и на заслужни граѓани од Тетово.
З. АНДОНОВ