За згрижувањето на повредените во кочанската трагедија и укажувањето брза помош, Клиничката болница во Штип го доби највисокото општинско признание „8 Ноември“, што секоја година се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот. Ова признание го добија и младите штипјани Андреј Гичев, Максим Троицки и Виктор Спасов, кои ноќта кога се случи трагедијата заедно со над 200 вработени прифатија стотина повредени.
За неколку успеси на меѓународни натпревари, признанието му беше врачено и на најдобриот македонски ултрамаратонец Жикица Ивановски, кој неодамна истрча 336 километри на трка во италијанските Алпи. Од спортистите се наградени и Петре Мијалков, кој оваа година стана европски шампион во мотоциклизам и Душица Бреслиева за успесите во теквондото.
Признание добија и Марио Ванчоски, кој повеќе години наназад освојува златни и сребрени медали на ученички натпревари и олимпијади по природни науки и Даниел Христов за афиримација на градот на вакви ученички натпревари.
Од областа на уметноста, признание добија балетанот Игор Киров, музичарот со светски глас Феруз Мустафов (постхумно), градскиот камерен хор „Астибо“, групата „Астибо бенд“ и фолклористот Благој Џоџев. Актерите Раде Рогожаров и Марија Минчева-Андонов се наградени за достигнувањата во театарската дејност.
Меѓу 18-те добитници на признанието се и Димо Узунов за афирмација на културните богатства на Македонците од Егејска Македонија, нумизматичарот Панче Кукушев, Фондацијата за развој на локалната самоуправа и извидничкиот одред „Еквинокс скаут“.
Т. ЈОВАНОВСКИ



